Search

На африканските пингвини им се заканува истребување

Африканските пингвини се на таканаречената црвена листа на загрозени животни на Меѓународната унија за заштита на природата, а според последните информации им се заканува истребување во следните 12 години. Според проценките на научниците, на почетокот на 20 век на африканскиот континент живееле неколку милиони пара од овој тип пингвини, а во наше време ги има помалку од 11.000 и нивниот број од година во година драстично се намалува. Експертите велат дека до 2035 година нема да има доволно парови од овие пингвини за репродукција, што е услов за еден вид да продолжи да постои во дивината.

Според експертите, прекумерниот лов и промените во животната средина во Индискиот Океан доведоа до неверојатно исчезнување на популацијата од милиони африкански пингвини во минатиот и овој век. Овие промени се рефлектираат во климатските промени, но и во далеку поголемото загадување и прекумерниот риболов на морскиот свет и резултираа со драстично намалување на бројот на риби како што се сарделата и сардината, кои се главната храна на овие пингвини.

Според д-р Џуди Ман, извршен директор на Фондацијата „Ту океани аквариум“, откажувањето од борбата за заштита на африканските пингвини не може да се прифати.

„Ако претставниците на рибарите, владата на Јужна Африка, еколозите, научниците, нафтените и бродските компании и сите други кои можат да помогнат во заштитата на овие пингвини ги здружат силите, можеме да спречиме популацијата на овие животни да се намалува секоја година“, рече Џуди Ман.

Екологистите и членовите на различни групи за заштита на пингвините сметаат дека е последен момент да се преземе драстичен чекор за заштита на африканските пингвини, бидејќи наскоро ќе биде предоцна. Тие бараат целосно да се прекине риболовот на овие животни, а на оние кои ги прекршуваат забраните да им се изречат драконски казни, но и да се намали концентрацијата на загадувањето на океаните, како и да се ограничи риболовот во водите каде што живеат поради драстичното намалување на храната во морето што ја јадат.

Африканскиот пингвин има необичен изглед, познат е и како магарешки пингвин и е омилена туристичка атракција. Населува острови долж бреговите на Намибија и Јужна Африка, а во последните децении на минатиот век беше создадена колонија на овие животни во Симонстаун во близина на Кејп Таун во Јужноафриканската Република. Тие можат да се видат на бреговите на познатите плажи, но тие се во можност да се шетаат и по градските улици, каде што понекогаш се гнездат во градините.

Треба да знаете
Последни објави