Search

Несторовски: Италија максимално е фокусирана да ни врати за болниот пораз во Палермо

Во пресрет на новата четврта фудбалска пресметка меѓу Македонија и Италија, се подгрејува атмосферата пред саботниот дуел на „Тодор Проески“ во Скопје. Македонија досега добро се справува со Италија. Во досегашните три пресметки Македонија еднаш загуби и тоа несреќно во Скопје, а двапати во гости резултатски добро помина. Ремизираше во Торино (1-1) и загуби во Палермо (0-1) кога актуелниот европски првак беше елиминиран во баражот за пласман на СП. Италијанците, колку и да одбиваат да кажат дека сакаат одмазда, ќе дојдат да се реваншираат за нивниот најболен пораз, а тоа го очекува и новиот фудбалер на Асколи, Илија Несторовски. Напаѓачот Несторовски има големо искуство со играње во италијанскиот фудбал. Веќе седум години е во Италија, играше за Палермо и Удинезе, во новата сезона ќе го носи дресот на второлигашот Асколи. Несторовски очекува голема поддршка од трибините и верува дека Македонија може повторно да го изненади актуелниот европски владетел.

-Очекувам една Италија која што ќе сака да ни се одмазди за тоа што им се случи во бараж мечот во Палермо. Од првиот ден се максимално фокусирани да ни се осветат. Имаат нов селектор, нов принцип на игра, нова формација, но и ние сме посветени и добро се подготвуваме од првиот ден. Секој меч носи притисок, но под притисок се гледаат јунаците. Треба да бидеме максимално подготвени од 1 до 95 минута и да чекаме нивна грешка за евентуално повторно да ги изненадиме. Публиката да биде нашиот 12 играч, да ни дадат поддршка и заедно со нив да направиме еден добар резултат“, вели Несторовски.

Треба да знаете
Последни објави