Search

ЦАРИНСКАТА УПРАВА: ПОСВЕТЕНИ СМЕ НА РЕФОРМСКИ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС

Трговската интеграција на македонските компании на меѓународниот пазар е клучна за развојот на економијата, при што во овој момент сме фокусирани на спроведување реформски политики коишто ќе ја олеснат трговијата и ќе ги подобрат условите за водење бизнис. Ова е главната порака на директорот на Царинска управа, Стефан Богоев при денешната посета на царинарница Скопје и царинската испостава Скопје 1, заедно со заменик директорот Муарем Асани.

„Воспоставуваме нов стандард на ефективност на Царинската управа како сервис за стопанството, при што работиме на конкретни мерки и политики со коишто ќе се создадат услови за повисока продуктивност на македонската економија, извоз на стоки и услуги со поголема домашна додадена вредност, што значи поголеми приходи во Буџетот“, истакна Богоев. 

Истовремено Царинската управа работи на реформски политики чија цел е подобрување на менаџирањето со ризици, намалување на сивата економија и сузбивање на корупцијата.

„Царинските давачки се еден од главните приходи во Буџетот на Република Северна Македонија. Притоа, царинските службеници имаат одговорност да се осигураат дека царинските давачки се платени во целост. За таа цел во моментов работиме на воспоставување на критериуми коишто ќе помогнат во таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката“, потенцира Богоев.

Подоброто менаџирање со ризици значи подобро идентификување на пратки со висок ризик сè со цел заштита на финансиските интереси на државата, прибирање на поголеми приходи и заштита на конкурентноста.

Воедно, директорот Богоев при посетата на царинарницата Скопје говореше и за важноста од имплементирањето на националниот едношалтерски систем, којшто ќе функционира како нов бизнис хаб преку кој ќе се одвива целиот увоз, извоз и транзит, како еден од клучните проекти коишто ќе се имплементираат со цел олеснување на трговијата и забрзување на транспортот.

Минатата година низ царинарницата Скопје се обработија вкупно 474 илјади декларации за увоз, извоз и транзит на стоките, што е 38,5 проценти од вкупно обработените декларации во државата. 

Треба да знаете
Последни објави