Search

Разрешената министерка за надворешни работи на Либија побегна од земјата

Разрешената шефица на либијската дипломатија Најла Мангуш побегна од земјата откако избија протести поради нејзиниот разговор со израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.
Според медиумите, Мангуш заминала во Турција, пренесува Гардијан.

Таа вчера беше сменета од премиерот Абдул Хамид ал-Дбеибах, откако тој ја суспендираше од функцијата поради неформална средба со израелски колега во Италија, и покрај тоа што двете земји немаат дипломатски односи со децении.

Против неа е покрената истрага, но доскорешната министерка тврди дека не би отишла на средба со израелски министер без знаење и согласност на нејзиниот премиер.

Коен рече дека разговарал со Мангуш за потенцијалот за понатамошна соработка меѓу двете земји, како и за важноста од зачувување на еврејското наследство во Либија, што вклучува реставрација на синагогите и еврејските гробишта.

Министрите разговарале за историските врски меѓу двете земји, како и за хуманитарната помош на Израел, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Сепак, Претседателскиот совет на Либија, кој ги претставува нејзините три провинции, рече дека е нелегално да се нормализираат односите со Израел.

За време на владеењето на поранешниот либиски лидер Моамер ел Гадафи, илјадници Евреи беа протерани од Либија, а многу синагоги беа уништени.

Треба да знаете
Последни објави