Search

Министерката Петровска и амбасадорката Агелер во посета на мултилатерална обука во касарната „Илинден”

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер во касарната „Илинден” во Скопје ги посетија припадниците на специјалните сили на македонската Армија, Вооружените сили на САД и армијата на Албанија кои заеднички ги развиваат своите способности и вештини.

Министерката Петровска пред специјалците порача дека и ова заедничко извежбување ја покажува блиската соработка помеѓу сојузниците во НАТО.

„Драго ми е што сите заедно вежбате, ги подобрувате вашите способности и на овој начин ги развивате способностите со кои сте секогаш подготвени да реагирате доколку е потребно. Продолжете да работите заедно затоа што на тој начин сме многу посилни и тоа е нешто на кое ние сите се потпираме”, рече Петровска.

Амбасадорката Агелер се заблагодари за посветеноста на сите учесници на вежбата и порача дека имајќи ги предвид опасностите со кои се соочува светот, индивидуалната и колективната подготвеност е поважна од кога било порано. Додаде дека е горда на заедничката соработка и се заблагодари на Армијата која е и домаќин на вежбата.

Заедничката вежба се реализира во касарната „Илинден” од страна на здружени состави од специјалните сили од Северна Македонија, САД и Албанија, согласно претходно  утврдено сценарио. Заедничкото извежбување ги зголемува оперативната способност и подготвеноста на специјалните сили. Вежбата започна на 21 август годинава, а ќе заврши на 1 септември. Со учеството и обуката на здружените формации се постигнува напредок на одбранбените способности.

Треба да знаете
Последни објави