Search

ДИК бара нови вработувања и унапредувања за успешно спроведување на изборите во 2024 година

ДИК бара кадровско зајакнување во пресрет на парламентарните и претседателските избори следната година. За испразнетите работни мести се надеваат дека навреме ќе добијат доволен број решенија од Министерството за финансии. За Предлог годишните планови за вработување за 2023 година и за 2024 година на ДИК членовите на оваа институција денеска расправаа на седница.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, во изјава за МИА, посочи дека од последните избори во 2021 година се намаил бројот на вработени, но оти Министерството за финансии не дава одобренија на нивните барања поради немање доволно средства. Се прават напори, како што посочи, за навремено зајакнување на позициите пред изборите во 2024 година.

– Од изборите во 2021 година повеќе луѓе се пензионираа, а одреден број на луѓе, заминаа од институцијата така што сега сме ослабнати на повеќе позиции. Од Министерство за финансии баравме повеќе пати одобрение за пуштање оглас, меѓутоа не ни дозволија поради финансиската состојба и немање доволно средства. Сега ќе пробаме уште еднаш со планот за вработување и унапредување за 2023 година, во која не сме добиле ниту една место и ќе гледаме тоа да го исполниме, затоа што наредната година ни се изборите и тоа би придонело за навремено зајакнување на позициите, истакна Даштевски после седницата.

Тој посочи дека со Планот за унапредување и вработување за 2024 година се предвидени повеќе позиции.

– Но тоа пак на крајот ќе зависи од Министерството за финансии и колку ќе има средства, меѓутоа ќе мора да ни помогнат затоа што тоа е и препорака на ОБСЕ и ОДИХР за да се дополни бројот на човечките ресурси бидејќи тие се перманентно присутни за време на изборите и како забелешка беше дека имаме многу работа, а немаме доволно луѓе кои ќе ја извршат таа работа. Се надеваме дека до изборите ќе бидеме подготвени и оти и да не стасаме за сите работни места, ќе добиеме доволен број решенија од Министерството за финансии со кои ќе се пополнат тие места за да можеме успешно да ги спроведеме и претседателските и парламентарните избори, рече Даштевски.

Со Планот за 2023 година, се предвидени седум вработувања и седум унапредувања  од причина што, како што рече, многу позиции се напуштени, а ако нема нови унапредувања постои ризик за повеќе напуштања.

За Планот за 2024 година, укажа дека мора да се извршат некои промени на систематизацијата и тогаш ќе може да се види за колку места точно станува збор. Но  според досегашните претпоставки сигурно бројката ќе биде поголема во однос на 2023 година. Сега е важно да се пополнат бројките за 2023 година поради успешно спроведување на изборите што следат до година, порача Даштевски. 

На денешната 72. јавна седница на ДИК, освен предлозите за годишните планови за вработувања за 2023, односно 2024 година, на дневен ред беа усвоени и измените на Годишен план за вкупните потреби за јавни набавки во 2023 година на ДИК, како и Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за систематизација во стручната служба на ДИК. 

Треба да знаете
Последни објави