Search

Курти: Косово и Србија да ги нормализираат односите пред изборите во САД и ЕУ

Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека Приштина и Белград треба да ги нормализираат односите „пред сојузниците да почнат да се занимаваат со изборите во Соединетите Американски Држави и Европската унија“.

Во интервју за меѓународната новинска агенција Блумберг, кое денеска го пренесуваат дел од медиумите во Приштина, Курти вели дека постои „чувство на ургентност за спроведување на договорите и за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, со меѓусебно признавање во нивниот центар, најдоцна до пролет идната година“.

Покрај итноста за спроведување на договорот за нормализација, Курти рече дека е подготвен и за организирање нови локални избори на косовскиот север, според договорот постигнат со специјалниот емисар на Европската унија, Мирослав Лајчак.

Косовскиот премиер ги коментира и казнените мерки што Западот ги воведе кон Косово, откако неговата влада ги игнорира барањата на САД и другите сојузници сојузниците да не ги испраќа новите градоначалници – Албанци во општинските објекти во четирите општини со мнозинско српско население на север.

– Мерките ни штетат во однос на финансиската и материјалната поддршка на фондовите и грантовите и кредитите што ги добиваме од ЕУ. Тие им штетат на нашите државни агенции и на нашата бизнис заедница, рече Курти.

Тој смета дека „ЕУ и САД сакаат да му помогнат и да го поддржат Косово“, но, тие исто така сакаат и „да ја одвлечат Србија од руското влијание“.

За него враќањето кон договорот што тој и српскиот претседател, Александар Вучиќ во март годинава го потпишаа во Охрид е единствениот пат за решавање на споровите меѓу двете држави.

– Договорот сé уште е на маса, рече Курти во интервјуто што за Блумберг го даде во Словенија, каде што, заедно со лидери на другите држави од Западен Балкан, учествува на годинешниот Бледски форум. 

Треба да знаете
Последни објави