Search

Не може да се разговара за каква било екстрадиција за луѓе кои сакаа да ги нарушат мирот и стабилноста на државата

Терористичка група која што е осудена за настаните во кумановската населба „Диво насеље“ мора да ја издржи својата казна и да носи одговорност, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во коментар на барањето на осудените за „Диво насеље“ за екстрадиција. 

-За мене воопшто не може да се разговара за каква било екстрадиција за луѓе коишто сакаа да ги нарушат мирот и стабилноста на државата, рече Спасовски во одговор на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово. 

Во рамките на одбележувањето во кругот на СВР Куманово беше откриена спомен-плоча во чест на осумте припадници на единицата „Тигар“ кои загинаа на 8 и 9 мај 2015 година во антитерористичката акција во „Диво насеље“.

Прашан за коментар дали треба да има претставка за градоначалникот на Штип за славењето на битката за Брегалница каде официјален претставник на српската држава ја нарече земјава Јужна Србија и Стара Србија, како што претходно имаше за градоначалниците на Тетово и на Чаир за посетата на косовскиот премиер Албин Курти, рече дека нема селективно постапување и доколку се утврди дека е потребно ќе биде поднесен соодветен поднесок.

-Секако дека нема селективно постапување. Кажав многу јасно и отворено дека секој еден којшто на кој било начин ќе придонесе да го нарушува достоинството на македонскиот народ и македонската држава и на сите граѓани коишто живеат во Република Северна Македонија ќе мора да носи одговорност. Така што, и за овој случај доколку имаме таков настан секако дека кога ќе се утврдат сите факти ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Треба да знаете
Последни објави