Search

Курти: Нема злоупотреби и корупција во Владата, корумпирани се старата елита, судовите и медиумите

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека во неговата Влада нема никакви злоупотреби и корупција, откако вчера беа уапсени двајца функционери на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПД) и еден бизнисмен, под сомневања за злоупотреби со набавки за државните резерви на Косово, менаџирани од МИПД, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното видео-обраќање до јавноста, Курти изјави дека кога ја презел власта пред две години ги затекнал државнитге резерви со 300 илјади евра, додека денес тие се во вредност од 25 милиони евра.

Тој ѝ изрази поддршка на ресорната министерка, Розета Хајдари, која исто така се споменува во прислушуваните разговори, објавени од порталот „Национале“, кои беа повод за избувнувањето на аферата и за вчерашната полициска акција, која резултира со трите апсења.

– Нема никаква корупција и злоупотреба Јас имам целосна доверба во министерката Розета Хајдари и нејзината работа. По започнувањето на војната во Украина, кога имаше глобална криза, Министерството кое таа го води ги купи резервите и ги наполни магазините во едно време кога сите граници беа затворени, а речиси сите земји го запреа извозот, рече Курти.

Според косовскиот премиер, оние кои порано биле на власт сакаат да ја променат состојбата бранејќи го криминалот, а во тоа им помагаат судовите, обвинителите и медиумите кои, како што вели, се злоупотребуваат во поддршка на злосторствата.

– Губитниците ќе ги пронајдерте кај старата корумпирана политичка елита, кај нејзините судии и обвинители, кај медиумите кои се злоупотребуваат во поддршка на криминалот. Иако се малку на број, нивните профити биле повеќе милионски, затоа и не може а да не се чувствуваат како големи губитници. Нивните напори за да ја сменат ситуацијата се во служба на планот за враќање на стариот гнил и корумпиран систем. Во најдобар случај тие се трудат да го зачуваат богатството стекнато со крадење и корупција, вештачките и штетни монополи кои ги создадоа со криминали и злоупотреби на службената должност, порача Курти.

Тој вели дека неговите министерства поднеле бројни кривични пријави, но дека обвинителството не се нафатило да ги реши тие случаи.

– Стотици официјални извештаи и кривични пријави се поднесени од нашите министерства за криминали и корупција што сме ги откриле, но воглавно тоа не му оставило впечаток на државното обвинителство. Нашите реформи нема да успеат да ги запрат. Акумулираните случаи на криминали пријавени од оваа влада не ќе можат да ги кријат уште долго, порача Курти.

Двајца раководители од МИПТ и еден бизнисмен се уапсени вчера поради сомневања за малверзации при набавка на стоки за државните резерви.

Приведени се директорот на Управата за стокови државни резерви, Хафиз Гара и директорот на Одделот за европски интеграции и координација на политиките при Министерството, Ирфан Липовица, како и бизнисменот Ридван Мухареми, за кого дел од медиумите наведуваат дека е близок до премиерот Курти и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бесник Бислими.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека на тројцата им е одреден 48-часовен притвор и дека истите се сомничат за кривичните дела „Злоупотреба на службената должност“ и „Пружање помош во извршувањето на кривичното дело Злоупотреба на службената должност“.

Вчерашната полициска акција е изведена откако на крајот на минатиот месец порталот „Национале“ објави аудио-снимки од телефонските разговори во кои приведените фуннкционери на МИПТ велат дека масло за јадење и пченица од Полска, кои веќе биле платени, не се доставени во државните резерви.

Во објавените разговори се инволвира и министерката Хајдари, која по објавите на „Национале“ соопшти дека поднела кривична пријава за клевета против сопственикот на порталот, новинарот Берат Бужаља. 

Треба да знаете
Последни објави