Search

Седница за уставни измени: Повик за подадена рака од парламентарното мнозинство, црни сценарија за поделби и создавање протекторат од опозицијата

Со обраќање на премиерот на државата Димитар Ковачевски започна 123тата седница на која единствена точка на дневен ред беше измената на Уставот и внесување на делови од бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ во неговата Преамбула.

Премиерот Ковачевски ги образложи потребите од измените истакнувајќи дека предлогот е македонски, дека Уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање и со нивно усвојување, продолжува патот кон целосна интеграција на Република Северна Македонија кон Европската Унија.

„Предлогот е наш македонски, предлогот е базиран на Европскиот Предлог и Договор од 2022-та година, со кој државата после долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство. Тој е напишан тука во Скопје! Предлогот се дебатира во македонското Собрание, во Скопје. И затоа, со цела одговорност ги отфрлам лажните и невистинити тези дека постои некаков Диктат, од било кого, за било што. Постои само нашата сегашна, а сепак историска можност, да направиме нешто добро за државата. Со усвојување на Предлогот, да донесеме одлука не да стоиме во место, не да каскаме, не да чекаме повторно, туку да чекориме во полноправно членство во Европската Унија и да ја оствариме поставената цел за полноправно членство во 2030-та година. Да, ова е наш македонски предлог, поддржан од целокупната Европска Унија и нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. За наша корист, за наше добро“ порача Ковачевски.

На иста линија беа и пратениците од СДСМ и ДУИ Јован Митрески и Арбр Адеми кои повикаа на одговорност, да се искористи историската шанса за брза интеграција во ЕУ.

Од страна на дел од пратениците кои во Собранието дејствуваат опозициски, се слушнаа говори со апокалиптични теории и црни сценарија за иднината на државата.

Пратеникот Скендер Реџепи кој беше дел од Алтернатива, а сега дејствува независно побара со измените на Уставот, да се избрише формулацијата „јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти“, додавајќи дека и со носењето на измените, тензиите меѓу Македонија и Бугарија ќе продолжат и дека Албанците не смеат да станат заложници.

„Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа“ порача Реџепи.

Неговата колешка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова исто така изрази загриженост за тоа каква ќе биде иднината на државата и не ја испушти можноста да побара предвремени парламентарни избори.

„Лажна е тезата за дилемата за запад или исток, дилемата е дали Македонија ќе биде се што имаме или се што немаме, дали ќе бидеме пристојна мала држава или ќе бидеме протекторат. „Камбаните овој пат бијат за Македонија и крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава која сака на патот кон ЕУ да оди исто како сите сегашни членки. Не смее да има посебни критериуми и преседани за нас. Затоа мислам дека овој предлог не треба да се поддржи, туку треба да се прашаат граѓаните на избори, бидејќи оваа власт е целосно делегитимирана“ посочи Давкова.

Со обраќањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, се исцрпи бројот на пријавени за дискусија, спикерот Талат Џафери ја прекина седницата, а за нејзино продолжување, пратениците и јавноста дополнително ќе бидат известени.

Треба да знаете
Последни објави