Search

Волонтерско противпожарно друштво од Швајцарија со донација за ТППЕ Делчево

Територијалната противпожарна единица од Делчево доби нова донација во опрема од волонтерско противпожарно друштво од Швајцарија. Донацијата се состои од комплет униформи за справување со природни непогоди, а истата на пожарникарите лично им беше предадена од иселеник од Делчевско, кој 23 години е доброволен пожарникар во Шардон, Швајцарија.

-Од 1999 година се приклучив како волонтер во Швајцарија. Со одговорното лице на Пожарната служба во Шардон се договоривме да обезбедиме донација за Делчево. Испративме 15 комплет униформи со заштитни кациги. Договорот падна за време на пожарите во Делчево и Берово кога во разговор со пожарникарот Лоренцо Трајановски увидовме дека има потреба од ваква донација, истакна иселеникот

Поздравувајки ја работата на ТППЕ Делчево, напомена дека треба да има што повеќе волонтерски друштва по примерот на Швајцарија.

-Кај нас оној кој сака да биде волонтер има обуки најмалку четири пати во годината. Волонтерите треба да бидат секогаш на ниво на задачата, штом го задолжат оделото мора да учествуваат во справувањето со природните непогоди, без разлика дали е поплава, пожар и сл. Ние иако сме помало место во Швајцарија, имаме поголемо друштво со доста млади волонтери, кои со тек на времето добиваат чинови. Кога има интервенција доаѓаат од секаде, сите се поврзани со еден телефонски повик и за 10 – 15 минути сите се на самото место, додава Апостоловски.

Пожарникарот Лоренцо Трајановски заблагодарувајки се за донацијата во име на ТППЕ Делчево, додаде дека опремата ќе биде од голема корист, не само за пожарникарите, туку и за волонтерите кои во последно време се повеќе се пријавуваат. 

-Во последно време има доста волонтери кои се пријавуваат и кои можат да бидат задолжени со оваа опрема и да ја користат кога ќе има потреба од тоа. Нашата единица засега е опремена, но секако ќе ни бидат од корист и овие одела, додаде Трајановски.

Како резултат на соработката со колегите од Шардон, како што додаде Трајановски, делчевската територијална противпожарна единица, досега има набавено пумпи за вода и две противпожарни скали, а се прават напори и за други донации. Го поздрави хуманиот потег на Апостоловски напоменувајки дека истиот треба да служи како одличен пример и за останатите правни и физички субјекти да помогнат во рамки на своите можности.

Треба да знаете
Последни објави