Search

Скопје ќе биде домаќин на Европски олимписки младински фестивал во 2025 година

Управниот одбор на Европскиот олимписки комитет (ЕОК) ја прифати кандидатурата на МОК, во 2025 година градот Скопје да биде домаќин на 18. издание на летниот Европски олимписки младински фестивал (ЕОМФ).

Претседателот на МОК, Даниел Димевски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска официјално ќе го преземат знамето на ЕОК, како симбол за организација на следниот ЕОМФ на затворањето на годинешното издание во Марибор, Словенија, каде што ќе биде потпишан и договор за соработка помеѓу ЕОК и МОК за организација на Европските младински игри, Скопје 2025.

Претходно, како што соопштија денеска од Град Скопје, делегација на ЕОК го посетила МОК, кој организирал посета на спортската инфраструктура, како и на сместувачките капацитети, а биле реализирани и средби со заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи и градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Сите, во еден глас ја поздравија оваа иницијатива на МОК и истакнаа дека овој најголем младински Европски мулти-спортски настан е извонредна можност да се докаже дека МОК и градот Скопје се подготвени да ја прифатат привилегијата и оваа неверојатна можност како и извонредната обврска да бидеме домаќини на најдобрите млади европски спортисти благодарение на довербата на Европските олимписки комитети. Од организациски аспект претстои многу работа, но имајќи предвид дека зад МОК стојат ЕОК, но и Владата на Северна Македонија како и градоначалникот на Град Скопје, може да се заклучи дека ќе имаме неверојатни игри во Скопје, во 2025 година, се наведува во соопштението.

Претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос им се заблагодарил на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и на претседателот на Олимписки комитет на Северна Македонија, за нивната посветеност да се организира фестивалот.

На ЕОМФ Марибор 2023, се натпреваруваат повеќе од 2400 спортисти и околу 1000 официјални претставници, во 11 спортски дисциплини. Првото издание на фестивалот се одржало во Брисел во 1991 година, каде што младинци на возраст од 14 до 18 години се натпреварувале на интернационалниот настан. Северна Македонија ќе биде една од 25. европски земји кои биле домаќини на зимски и летни игри и 16-та во која ќе се одржи летното издание.

Треба да знаете
Последни објави