Search

Во пресрет на Илинден, во Крушево првпат се одржа манифестацијата „Старата крушевска чаршија“

Во центарот на Крушево синоќа првпат се одржа манифестацијата „Старата крушевска чаршија“. Пред бројните посетители и туристи крушевчани ги претставија своите традиционални вредности со крушевски специјалитети, музика, дружење, потсетувајќи на старите крушевски седенки во старата чаршија каде се постигнувале договори, се покажувало почит, се претставувале традицијата и културата.

Манифестацијата е во рамките на Крушево – град на културата. 

-Сакајќи да ја зачуваме традицијата и да прикажеме како изгледале крушевските седенки и дружбата помеѓу старите крушевчани, како и да ја заживееме крушевската чаршија, на еден интересен начин дојдовме до идеја да организираме „Старата крушевска чаршија“. Со крушевски специјалитети, музика, ја правиме дружбата помеѓу крушевчани и туристите, рече Jасмина Димовска од локалната самоуправа на Крушево.

Манифестацијата е во организација на локалната самоуправа и на Здружението на крушевски жени и потсетува на живеењето во Илинденскиот период.

-Во рамките на Крушево – град на културата, во централното градско подрачје, каде е столбот на Републиката, со Здружението на жени од Крушево ја претставивме традиционалната крушевска соба. Изложивме автентична храна. Претставуваме како се живеело пред Илинденското востание, со пеење, дружење, соживот и сето она што го означува Крушево. Претставуваме како крушевчани живееле во тоа време, пред и за време на Илинденското востание, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушевчани, а и посетителите и гостите кои престојуваат  за Илинден се одушевени од атмосферата, на потсетувањето на поранешните времиња.

-Ова е една од повеќето манифестации во Крушево за Илинден. Ова е своевиден етно саем, да се покаже како живееле старите крушевчани, како се дружеле, да се покаже крушевската култура. Убави се овие традиции. На седенките се договарале бизниси, па и свадби, рече крушевчанецот  Јорго Јуца.

– Атмосферата е прекрасна. Пријатно сум изненадена. Дојдовме од Скопје да бидеме во Крушево за Илинден. Јас првпат доаѓам и одушевена сум, вели гостинка од Скопје.

За Илинденските празници сите капацитети во Крушево се полни со гости и туристи од земјава и странство. 

Треба да знаете
Последни објави