Search

Андоновски: Македонската надворешна политика го има достигнато дното, со оваа власт има  само национални порази

Треба да знаеме дека Македонија во моментов ја живее најлошата состојба во однос на меѓународните односи. Македонската надворешна политика го има достигнато дното од својот историски развој, полошо не било дури и кога Македонија создавала како самостојна држава. Тоа е така затоа што има комбинација од неспособност, криминал и распродажба на македонските национални интереси, изјави Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната панел дискусија на тема „Меѓународна политика” на Саем на проекти за млади од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, „Иднина за сите во Македонија”.

Тој истакна дека македонската надворешна политика ја води човек кој не се грижи за македонските национални интереси, односно воопшто  не ги разбира.

– Станува збор за кој единствено што го интересира е личната кариера, личните професионални успеси и по таа цена тој е подготвен да продаде се, дури и албанските национални интереси, ако тоа од него некој го побара. Не станува збор за човек кој се грижи за македонскиот јазик, и затоа кажал дека нема дијалекти надвор од границите, нема да ме чуди да каже дека македонскиот јазик не постои, рече Андоновски.

Андоновски истакна дека ако продолжи оваа власт да функционира ние ќе се соочуваме со уште национални порази.

– Се надевам дека нивното време побрзо ќе заврши. Дека ќе дојдат луѓе кои ќе знаат дека македонскиот јазик е составен од дијалекти кои доаѓаат и од Егејска и од Пиринска Македонија и од дијалектите во денешна Албанија, дека Македонци живеат и на територијата на сите соседни држави, дека имаме нераскинлива поврзаност со песните, ората, писатели од сите делови и тоа се одредниците преку кои ќе се водиме како идна власт, рече тој.

Андоновски нагласи дека патеката на Македонија мора да заврши со членство во ЕУ, но нема да ги заборавиме овие теми и нема да ги трампаме за лични или партиски успеси.

– ВМРО секогаш било поврзано со Македонија и Македонија со ВМРО, двете работи се поврзани. Наша обврска е да ги задржиме сите идентитетски одредници на нашиот пат кон ЕУ. Може да биде покомплицирано, да земе повеќе време.  Сега ветувањата се дека само ќе го започнеме патот.  Ветувањата се дајте се што треба да започне патот, а ние велиме ќе одиме по тој пат ако го заштитиме македонскиот национален идентитет, ако се гарантира во текот на целиот пат, и гарантира дека ќе станеме членка, изјави Андоновски.

Треба да знаете
Последни објави