Трикратниот светски првак во маратонско пливање Поп Ацев не им се придружи на четворицата Македонци кои го препливале Ла Манш

Трикратниот светски првак во маратонско пливање (2015, 2017 и 2019 година), македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев се обиде да го преплива каналот Ла Манш, но не успеја во овој потфат. Поп Ацев кој во 2015 година стана првиот Македонец што победи на Охридскиот маратон не успеа да им се придружи на македонските пливачи кои го имаат препливано Ла Манш. Досега им успеало да го препливаат Ла Манш, Нико Нестор во 1959 година, Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и една година подоцна Игор Димовски.

Поп Ацев (1988 г.) за неуспешниот потфат, веста ја сподели на социјалните мрежи.

-Денес пробав да го испливам Каналот Ла Манш и не успеав. Иако последниве години имав проблеми со пливањето и со здравјето сепак се надевав дека ќе соберам сила и ќе можам . Имав голема желба и сила и добро пливав но ладната вода ме победи т.е. го победи моето тело кое отсекогаш лошо се справувало со ладна вода .

Иако разочарувањето е големо и ќе ми треба подолг период да го пребродам овој неуспех сепак сум среќен што пробав и собрав уште едно искуство ( макар и лошо) и што ќе можам дома да се вратам жив и здрав . Многу сум благодарен на жена ми Алана на Капетанот и тимот на бродот за големата помош и за брзата и правилна реакција за да не се случи нешто пострашно . Исто така огромна благодарност до мојата фамилија , блиските и цела Македонија кои отсекогаш ме поддржувале и храбреле поготово во вакви тешки моменти .
Тешки две години беа ова за мене што се однесува на пливањето и мислам дека ова најтешкиот момент но и можеби најсилен знак.

Премногу го сакам овој спорт и тешко ми е да се отргнам од него па некако ги игнорирав сите знаци и совети и повеќе го слушав срцето наместо телото и разумот да продолжам. Имам толку убави спомени, успеси , емоции ,искуства и познанства , и тоа се додека ја претставував својата земја на светско ниво. Тоа е најголема чест и задоволство за еден човек и е најголемата убавина на спортот. За тоа ќе сум вечно среќен и задоволен што ја имам доживеано таа убавина без разлика што ќе донесе следниот ден.

Треба да знаете
Последни објави