Почина Мирко Новосел – Кошарката загуби голем човек

На 86-годишна возраст почина Мирко Новосел, членот на Куќата на славните на кошарката. Новосел беше врвен кошаркар и тренер, еден од најдобрите што Хрватска воопшто ги имала. Тој ја одбележа хрватската кошарка како исклучително успешен тренер и творец на големиот тим Цибона во осумдесеттите години на минатиот век. Во Локомотива играше кошарка 14 години, а потоа реши да стане тренер.

Загрепската Локомотива подоцна го доби името Цибона, а со Новосел стана еден од најдобрите европски клубови. Првиот шампионат на Југославија го освои со Цибона во 1981 година, откако во клубот го донесе Крешимир Ќосиќ. Во таа ера Цибона освои три титули во југословенскиот шампионат и седум купови, но тоа не беше доволно, па Новосел го доведе Дражен Петровиќ, кој ја предводеше Цибона до европската шампионска титула.

Новосел ќе остане запаметен како најтрофејниот хрватски тренер. Во 1993 година со репрезентацијата освои бронза на ЕП во Германија, а претходно се погрижи во 1992 година на Олимписките игри да се појави најсилната хрватска репрезентација на сите времиња и да освои сребро против „дрим-тимот“ на САД.

Беше и селектор на Југославија со која освои сребро на Олимписките игри во Монтреал во 1976 година, а во Москва во 1980 година освои и злато. Четири години подоцна во Лос Анџелес стигна до бронзен медал.
Со Југославија освои и четири медали на светските првенства – сребро во 1974 година, злато во 1978 година и две бронзи во 1982 и во 1986 година.

Врвните резултати му обезбедија влез во Куќата на славните во американскиот Спрингфилд во 2007 година, а ФИБА го вклучи во својата „Куќа на славните“ во 2010 година. Тој остана во Цибона до крајот, беше назначен за почесен претседател и со советите му помагаше на раководството на клубот.

Треба да знаете
Последни објави