Search

ДКСК: Кривична пријава за Арсовска за незаконско поставување на в.д. директори во МКЦ и Зоолошка градина

Државната комисија за спречување на корупција ги разгледа назначувањата на в.д. директорите на скопските јавни установи МКЦ и Зоолошка градина и ги оцени како незаконски, а донесе и одлука да поведување кривична постапка против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска која неодамна ги именуваше овие в.д. директори како и против именуваните кои свесно постапувале спротивно на законските одредби.

Незаконското поставување на детективот Алексов за директор на МКЦ неодамна го потврди и Управниот суд.

Арсовска, спротивно на законот за в.д. директори на МКЦ и Зоолошка именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.

ДКСК постапи по пријави од Државниот инспекторат за труд и ги провери наводите во Агенцијата за вработување.

Градоначалничката Арсовска во јануари годинава на в.д. директорската позиција во МКЦ го именуваше Никола Алексов што предизвика лавина реакции во колективот на култната скопска културна институција, а во Зоолошката градина по скандалот со колењето на коњи, беше сменет Кристијан Стаменов и на негово место за в.д. директор го назначи Драган Илиевски кој пак во јануари годинава го ротираше на в.д. директорското место во ЈП Водовод. Во моментов в.д. директор на скопската Зоолошка е Зоран Попов, кој доаѓа од редот на вработените.

Антикорупционерите расправајќи за праксата на назначување на в.д. директори во јавни институции, рекоа дека повеќе нема да го толерираат и соодветно ќе дејствуваат бидејќи се случува исто лице повеќекратно да извршува директорска функција од позиција на вршител на должност иако законски тој мандат е само шест месеци и тоа влијае врз функционирањето на системот, тивко го поткопува и претставува мешање на политиката и во локалната и во централна власт.

ДКСК посочи и случај во Општина Желино каде во јавно претпријатие директорува исто лице поставено четири пати по ред со мандат од по 6 месеци.

Треба да знаете
Последни објави