Search

Меџити од „огнените“ почнува со формирање ново политичко движење

Еден од лидерите на фракцијата во ДУИ наречена „огнени“, Изет Меџити, денеска потврди дека започнуваат со процедура за формирање нов политички субјект. Тоа нема да биде класична политичка партија, туку повеќе демократско движење. Во новиот политичи субјект на Меџити нема да му се приклучат сопартијците и поддржувачи на „огнеите“: Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери, бидејќи тие се против идејата за формирање на нова партија.

„Уште не сме размислувале за името на движењето. Дебатата е отворена и очекуваме да стигнат иницијативи од граѓаните“, изјави Меџити денеска за МИА потврдувајќи дека со процедурите за формирање на нов политички субјект започнуваат од денеска. Тој во петокот вечерта, во гостување на албанската телевизија Визион плус, изјави дека таквото движење ќе го артикулира различното размислување внатре во Демократската унија за интеграција.

„Досега имаше една моќна партија – ДУИ и мали опозициски партии кои не ја одиграа улогата на опозиција. Сега мислам дека ќе има два политички блока меѓу Албанците – тоа ќе биде моќна позиција и опозиција што нужно ќе даде поголем ефект за Албанците“, рече Меџити и изрази уверување дека политичката сила ќе биде подготвена пред претстојните парламентарни избори.

Од друга страна, „огнениот“ Блерим Беџети, градоначалник на Сарај смета дека не треба да се формира нова партија туку расколот во ДУИ да се реши со демократска дебата и легитимни одлуки. 

„Дејствувањето на ‘огнената група’ скапо ќе ја чини ‘оската’ Ахмети – Груби, веќе од самите собири во Скопје се гледа оти мнозинството го губат во главниот град. Како што и загубија во Тетово“, рече потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани.

Треба да знаете
Последни објави