Search

Официјално објавена причината за смртта на Лиза Мери Присли

Причината за смртта на американската пејачка Лиза Мери Присли е официјално потврдена. Имено, во јануари таа претрпела срцев удар во својот дом, по што била префрлена во болница и таму починала.

Според извештајот на Округот Лос Анџелес, смртта на пејачката била предизвикана од опструкција на тенкото црево. Тоа, пак, е последица од израстоци што настанале по операцијата за слабеење од пред неколку години.

Иако во извештајот не се споменува присуство на опојни средства во телото на Лиза Мери, „Ти-ем-зи“ пишува дека резултатите од токсиколошките анализи допрва треба да бидат објавени.

Лиза Мери, единственото дете на Елвис и Присила Присли, почина на 12 јануари, само два дена откако присуствуваше на доделувањето „Златни глобуси“. Таа, наводно, месеците пред смртта изгубила меѓу 18 и 22 килограми, а освен апчиња за слабеење, користела и опијати, според наводите во западните медиуми.

Лиза Мери Присли е родена 1968 година. Имала девет години кога Елвис почина од срцев удар во замокот „Грејсленд“, 1977 година, на 42-годишна возраст. Таа и го поседуваше дворецот на татко ѝ во Мемфис, кој стана популарна туристичка знаменитост. Музичката кариера на Лиза Мери почна со нејзиниот деби албум „To Whom It May Concern“ од 2003 година. Потоа, во 2005. следеше „Now What“, па и двете плочи стигнаа до топ-10 на „Билборд 200“ листата. Нејзиниот трет албум – „Storm and Grace“, беше објавен во 2012 година. 

Треба да знаете
Последни објави