Ван дер Сар од Сплит префрлен во болница во Холандија

Прославениот поранешен голман на холандската репрезентација Едвин ван дер Сар го напушти синоќа одделот за интензивна нега во сплитската болница и е префрлен во медицинска установа во Холандија каде уште извесно време ќе биде под лекарски надзор.

„Семејството на Ван дер Сар изразува длабока благодарност до персоналот во сплитската болница за нивната прекрасна грижа во текот на изминатата недела“, соопшти сопругата на поранешниот холандски голман, Анемари ван Керстен во соопштение кое го објави Ајакс.

Ван дер Сар во Ајакс беше главен оперативец до мај годинава кога поднесе оставка поради серијата слаби резултати на клубот од Амстердам.

За време на семејниот одмор во Хрватска претходно овој месец, 52-годишниот Ван дер Сар почувствува невролошки проблеми и на 7 јули беше примен во Клиничкиот болнички центар во Сплит, каде му беше дијагностицирано крвавење во мозокот.

„Неговата состојба е непроменета: стабилен е, животот не му е загрозен и комуницира. Едвин мора да остане на одделот за интензивна нега, каде ќе му бидат извршени дополнителни испитувања, а семејството се надева дека потоа ќе може да се фокусира на своето оздравување“, додаде сопругата на Ван дер Сар. 

Треба да знаете
Последни објави