Search

Костадиновска-Стојчевска од Париз: Уметноста преку „Отворен Балкан” нè зближува со Европа

Вечерва во Културниот центар на Србија во Париз, во присуство на многубројна публика од јавниот живот и од дипломатскиот кор, највисоките претставници од амбасадите на Северна Македонија, Албанија и на Србија, на уметници, беше отворена изложбата „Супстрати“ – заеднички проект на иницијативата „Отворен Балкан“.

На изложбата, која е под покровителство на министерствата за култура на трите балкански држави, се обрати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која со своите колешки, министерките Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, ја потврди идејата за афирмација на целите на Иницијативата за креирање европски држави на Балканот, а во тоа културата има силно влијание.

– „Супстрати“, збор што јас го толкувам како сојуз во креативноста, е насловот под кој вечерва се собравме во Градот на Светлината за да го испочитуваме дијалогот меѓу уметниците, да се восхитуваме на заедничкото творештво и да додадеме агол на светлината, не за да го засилиме одразот на сенките на Балканот туку за да ја извадиме од сенка сета убавина на културите на Балканот. Зашто Балканот е плодна почва за нашето културно стебло, за чија здравост сведочи раскошната крошна на која еднакво ѝ е неопходна светлината –рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа ѝ се заблагодари на кураторката Клаудија Паецолд за извонредната замисла, како и на авторите: Кристина Пулејкова, Нина Жељковиќ и Дриант Зенели, кои, како што рече, го бараа и проникнаа во најдоброто во културата на соседот.

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска им се заблагодари на уметниците зашто, како што вели, тие отидоа длабоко во историјата, за да ни овозможат повторно да се сретнеме во овој миг и да продолжиме кон иднината – европската, демократската, хуманата …. – зашто тоа е патот што го посакуваме, и додаде:

Цврсто верувам дека силата на културата, соработката, креативноста ќе ја израснат и политичката соработка. Културата секогаш нè издигнува на ново, поквалитетно ниво. Затоа и овојпат не изостана поддршката на трите министерства за култура – српското, албанското и македонското. И тука сме, во прекрасните простории на Културниот центар на Србија во Париз, во духот и на иницијативата „Отворен Балкан“. „Отворен Балкан“ не значи дека сите прашања на Балканот се затворени. Но, да се отвори Балканот, тоа веќе е прашање на далековидост и широчина. Процесот е започнат, а „Супстрати“ е доказ за цврстината на стеблото што го негуваме. Глупаво е да го искушуваме врежувајќи иницијали, како лоши пораки, на неговата кора – заврши Костадиновска-Стојчевски на отворањето на големиот настан за балканската култура во европски рамки.

Министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, зборуваше за Балканот како раздвижен и помалку разбрануван регион, каде што силно се дискутира за потеклото на некоја песна, но истовремено сите продолжуваме да ја пееме истата песна, да ги раскажуваме заедничките легенди, да свириме на истите инструменти. Таа кажа дека оваа изложба како регионален проект, и уметноста воопшто, е причината зошто сме сите овде заедно.

– Културата, како што покажа историјата, отсекогаш била мост на комуникација и поврзување меѓу народите. Оваа изложба е, исто така, добар пример за слободното движење на уметниците на Балканот и покажува дека тие се дел од еден културен мозаик многу поголем од локалниот. Нашите влади се посветени на активна поддршка и олеснување на овој регионален културен мозаик преку билатерални договори – порача Маргарити.

Министерката за култура на Србија, Маја Гојковиќ, зборуваше за важноста на оваа изложба, која е  резултат на само една година работа по потпишувањето на Меморандумот за соработка на „Отворен Балкан“ во Охрид.

– Покажавме дека културата не познава граници, ниту е роб на предрасудите и дека таа лесно ги надминува сите бариери. Проектот „Отворен Балкан“ и сето она што досега е постигнато благодарение на него се заеднички напор кон создавање нова, секако подобра слика за нашиот регион во светот – рече Гојковиќ.

Изложбата „Супстрати“ се фокусира на современата уметност и ги нагласува фундаменталните врски меѓу трите земји во рамките на „Отворен Балкан“. Поставката, која е доказ за трансформациската моќ на уметноста и културата во обединувањето на нациите, ќе биде отворена до 12 август.

Треба да знаете
Последни објави