Search

Претседателот Пендаровски им се заблагодари на министрите за надворешни работи од форматот Славков за поддршката која и ја даваат на Македонија на патот кон ЕУ

Претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски денеска ги прими министрите за надворешни работи на Република Австрија, Чешката Република и Словачката Република – Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, претставници на трилатералната иницијатива формат Славков.

На средбата се разговараше за аспирациите на нашата држава за членство во Европската Унија, состојбите во регионот на Западен Балкан, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за постојаната поддршка земјите од форматот Славков по однос на македонските аспирации за членство во Европската Унија и во тој контекст беа разменети мислења за текот на билатералниот скрининг на нашата држава со ЕУ, како и за потребата од измени на уставот што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

На средбата се разговараше за актуелните состојби на Западен Балкан, при што претседателот Пендаровски истакна дека европската перспектива е еден од важните предуслови за севкупната стабилност, безбедност и демократски развој на регионот. Во таа насока претседателот Пендаровски посочи на потребата ЕУ да го задржи фокусот кон регионот, истакнувајќи дека во време на сериозни безбедносни предизвици на европско тло, повеќе од било кога е важно на проширувањето да не се гледа само како на техничка процедура, туку и како на важна геополитичка алатка на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави