Search

Столтенберг: Во Вилнус договоривме засилена одбрана и доближување на Украина до НАТО

 Штотуку го завршивме историскиот самит на НАТО на кој во текот на изминатите два дена, донесовме големи одлуки за да ја приспособиме нашата Алијанса на иднината. Се договоривме за најдеталните и најсилните одбранбени планови на НАТО од Студената војна, ја потврдивме нашата посветенот на инвестициите во одбраната, се договоривме да ја приближиме Украина до Алијансата и да ја зајакнема поддршката кон неа на долги патеки и уште повеќе ги продлабочивме нашите ширум светот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На прес-конференцијата по завршувањето на дводневната средба на лидерите на шефови на држави или влади на членките на НАТО во Вилнус, Столтенберг нагласи дека како дел од напорите за поддршка и сорабока со Киев формиран е Советот НАТО-Украина во рамки на кој двете страни ќе разговараат и одлучуваат како рамноправни основи.

– Тоа e значаен чекор за приближување на Украина кон НАТО, истакна Столтенберг, најавувајќи дека сојузниците на Самитот обезбедиле воена помош за Украина во износ од десетици милијарди долари за да помогнат да се справи со руската инвазија, како и обука за десетици илјади украински војници.

Тој потсети дека вчера беше усвоен пакетот за поддршка на Украина за да и се овозможи транзиција од советска ера кон стандардите на НАТО, со цел нејзините сили да станат интероперабилни со оние на Алијасната.

– Додека Украина продолжува да ослободува територии, ние ќе стоиме покрај неа. Толку колку што е потребно. Украина сега е поблиску до НАТО од кога било досега. Сојузниците потврдија дека Украина ќе стане членка на НАТО и се согласија да го отстранат условот за Акциски план за членство. Ова ќе го промени патот за членство на Украина од процес во два, во процес во еден чекор. Ќе упатиме покана за Украина да влезе во НАТО кога сојузниците ќе се согласат дека условите се исполнети. Ова испраќа јасна, силна и обединета порака од нашиот самит во Вилнус, истакна Столтенберг.

Според него, сојузниците мора да се погрижат да има веродостојни аранжмани за безбедноста на Украина откако ќе заврши војната со цел да не се повтори историјата.

– Го поздравувам тоа што многу сојузници сега се обврзаа да обезбедат долгорочна безбедносна помош за Украина. Ова ќе помогне да се одврати каква било идна агресија од страна на Русија по завршувањето на оваа војна, додаде Столтенберг.

Запрашан дали најавата за членство на Украина во НАТО може да се искористи како влог за преговори со Русија, Столтенберг истакна дека преговори ќе бидат можни тогаш кога Киев ќе биде подготивен за тоа и затоа е важно да биде поддржан во напорите за ослободување на својата територија и зајакнување на својата позиција.

Тој истакна дека иако НАТО е регионална организација, сепак се соочува со глобални предизвици, па затоа денска нејзини претставници одржаа средба со лидерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, како и на Европската Унија. 

– Тоа што се случува во Европа е важно и за Индо-пацифичкиот регион. Тоа што се случува во Индо-пацифичкиот регион е важно и за Северна Америка и Европа, додаде Столтенберг.

Според него, глобалната самоувереност на Пекинг и војната на Москва против Украина бараат уште поблиска координација меѓу НАТО, ЕУ и нивните Индо-пацифички партнери.

-Ја осудуваме севернокорејските нуклеарни и ракетни програми, вклучително и последните лансирања на ракети. Тоа нарушува повеќе резолуциите на Советот за безбедност на ОН и претставува закана за регионалната и глобалната безбедност, додаде Столтенберг.

Тој најави зајакнување на соработката на НАТО со Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја во поморската безбедност, развој на новите технологии, справување со кибер нападите и климатските промени и зајакнување на отпорноста.

– Ќе работиме уште поблиску заедно, застанувајќи силно зад меѓународниот поредок заснован на правила, изјави Столтенберг.

Во однос на најавите за отворање на Канцеларија за врски во Токио, Столтенберг истакна дека иако на овој Самит не е донесена таква одлука, тој план, како што рече, и „натаму е на маса“.

Тој додаде дека светот денес се соочува со најсериозна безбедносна ситуација во последните децении, но НАТО одговара на предизвикот.

– НАТО е пообединет од кога било, стои цврсто во одбрана на нашите народи и нашите вредности, рече Столтенбер, додавајќи дека со нетрпение го очекувам Самитот во Вашингтон следната година, кога Пактот ќе одбележи 75 години од своето формирање.

На новинарско прашање дали помошта што сојузниците ја одвојуваат за Украина влегува во сумата на средства за одбрана што согласно договорот секоја членка треба да ја издвојува на ниво од два отсто од националниот БДП, Столтенберг само кусо одговори дека согласно дефиницијата на НАТО таа помош се смета како трошок за одбрана.

Запрашан за евентални планови за испраќање мировна мисија  на НАТО во Украина по завршување на војната во Украина, Столтенберг истакна дека е погрешно да се шпекулира што ќе биде по завршување на војната и дека засега е важно да продолжи поддршката за земјата и дека нејзиното членство во Алијансата останува во игра тогаш кога ќе бидат исполнети условите. 

Треба да знаете
Последни објави