Search

Герасимовски: Новите ДУП-ви во Центар носат подобри урбанистички решенија

Носењето нови ДУП-ви има една цел, а тоа е подобро урбанизирање на јавниот простор според густината и потребите на населението, смета градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Како што соопшти Општина Центар, Герасимовски синоќа на Телевизија 24 зборуваше за детално урбанистичките планови кои ги носи Општина Центар.

– Во минатото имало лоши ДУП-ви кои ние во моментов ги подобруваме и носиме нови каде што воопшто не биле донесени или се премногу стари. На пример за Француски гробишта од 1991 каде нема ни ажуриран ДУП. Целта за носење на ДУП-те е подобро урбанизирање на самиот простор, а тоа подразбира подобри сообраќајници, повеќе зеленило, јавно добро односно вцртување на нови градинки во зависност од потребите и густината на населението, нови училишта, културни центри итн., рече Герасимовски во емисијата „Отворено“.

Градоначалникот Герасимовски потенцира дека преку носењето подобри планови за организирано живеење Општина Центар има за цел и да ја промени перцепцијата кај граѓаните дека тие се носат поради некакви лични интереси. Тој го посочи Детално урбанистичкиот план за Крњево 2, кој неодамна го донесе Советот на општината.

– Дали било подобро претходно ова урбано решение каде што имаме „Г“ зграда којашто е 57.000 квадратни метри или сега со 33.000 квадратни метри, каде што имаме подобри сообраќајници и влезови во самата населба, каде што имаме пешачки патеки и провев, каде што се стопирани оние сообраќајници каде што биле слепи и не се дозволиле со новите законски правила и можности, каде што зеленилото е за 4 пати зголемено итн. Значи целта ни е во носење на самите ДУП-ови како општина, како планери да креираме што подобри услови за живот, рече Герасимовски.

Градоначалникот Герасимовски нагласи дека при носењето на ДУП-те треба особено внимание и при изборот на планерските куќи кои ги изработуваат за да не се случуваат прекини за отпочнување нови постапки и ДУП-ви коишто не можат да се донесат ниту за 10 години.

-Тоа значи дека во моментот кога ќе почне нова процедура треба да се комуницира со Агенцијата за просторно планирање за да се види како тече и самото носење на ГУП-от за ДУП-от којшто ќе се носи, тие параметри и бројки се прилагодат со цел да не треба во иднина да се прави дополнително усогласување кога ќе се донесе новиот ГУП, рече Герасимовски.

Треба да знаете
Последни објави