Search

Кашиковски: Тројца вработени од „Комунална хигиена“ повредени

Вработените во „Комунална хигиена“ кои вечерва протестираа пред претпријатието тврдат дека тројца нивни колеги се повредени кога полицијата интервенирала за неколку камиони да излезат од кругот на претпријатието. 

Претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски во изјава за медиумите рече дека се направени неколку обиди да стапат во контакт и да преговараат со директорката Косана Мазнева Николиќ, но дека тоа не се случило. 

– Полицијата со нејзината интервенција овозможи да излезат неколку камиони од „Комунална хигиена“. При таа интервенција беа повредени тројца од „Комунална хигиена“ и вие како новинарски екипи видовте дека имаше и возила на Брза помош кои ги однесоа повредените. Сметаме дека решението на проблемот не е на ваков начин, туку преку дијалог и преговори на маса, изјави Кашиковски.

Тој им се извини на граѓаните на Скопје затоа што не е исчистен сметот, но, како што посочи, и вработените во „Комунална хигиена“ подолг период имаат проблеми. 

– Од страна на Синдикатот во секој момент има подадена рака и волја за решавање на проблемите, меѓутоа од другата страна таква волја до денес не гледаме, рече Кашиковски, кој очекува од утре дека ќе бидат повикани на преговори.

Според вработените, вечерва приведени се и четворица нивни колеги.

Вработени од „Комунална хигиена“ од петокот протестираат поради отпуштање на дел од колегите и барање за повисоки плати и исплата на К-15. Поради протестот, од петокот не е собран сметот во главниот град

Мазнева, директорката на Комунална хигиена пак, најави откази и кривични пријави.

Вечерва екипите се придружувани од полиција. Во текот на утрешниот ден ќе следат постапки за откази на онаа група која три дена го узурпираше претрпријатието. Против иститие поднесени се денеска и кривични пројави за загрозување на безбедноста и здравјето на граѓаните, вели Мазнева за ТВ Телма.

Треба да знаете
Последни објави