Search

Мицотакис го доби мандатот за формирање Влада, попладнево ќе биде соопштен новиот владин состав

Ќе составам Влада која напорно ќе работи и ќе има мерливи резултати и се надевам дека ќе има можност од утре да положи свечена заклетва за веднаш да започне со работа, порача лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која му го додели мандатот за формирање Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Со освоени 40,55 отсто од гласовите на вчерашните избори и 158 пратенички места Нова демократија го има потребното парламентарно мнозинство за да формира еднопартиска Влада.

Мицотакис, кој втор пат добива мандат за формирање Влада, откако Нова демократија победи и на изборите во јули 2019 година, на средбата со Сакеларопулу истакна дека неговата цел беше „земјата да има стабилна еднопартиска Влада“.

Додаде дека „за жал беа потребни два изборни процеси за да произлезе овој резултат“.

-Се обврзав дека во вториот четиригодишен мандат во пракса ќе спроведеме големи промени и големи реформи, кои што ѝ се толку потребни на земјата. Имаме силен мандат за да ги спроведеме овие промени. Имаме удобно парламентарно мнозинство, како што побарав од грчкиот народ, истакна Мицотакис на средбата со Сакеларопулу.

Два часа по добиениот мандат, лидерот на Нова демократија ќе положи свечена заклетва во Претседателската палата и официјално ќе стане премиер.

Во попладневните часови ќе биде соопштен и новиот владин состав, а веројатно утре, новите министри ќе положат свечена заклетва за в среда да се одржи и првата владина седница.

Треба да знаете
Последни објави