Search

Делчево добива современ градски пазар

Во Делчево од денеска граѓаните ќе можат да ги користат услугите на новиот современ Градски пазар кој започна да се гради од март 2021 година, а свечено ќе биде пуштен во употреба од страна на премиерот Димитар Ковачевски. Изградбата на ваков објект е децениска желба и потреба на делчевци. По теркот на големите градови, во современи услови, ќе се одвива продажбата на овошје и зеленчук и друг вид стока и производи од текстил и облека.

Делчево прв пат во својата историја, добива современ градски пазар. Пазарот располага со модерни тезги со обезбедени санитарни услови за поголема хигиена што за продавачите и купувачите ќе значи побезбедна храна чувана под затворен простор и заштитена од атмосферски влијанија, преку обезбедена дневна светлина со лексан- панел и вода во сите објекти со санитарни чворови, истакнаа од Општината.

Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли. 

– Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32 м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба, додаваат од Општина Делчево.

Вкупната вредност на новиот градски пазар кој со одлука на делчевскиот Советот е даден на трајно користење на Јавното комунално претпријатие „Брегалница е 45 милиони денари од кои 50 проценти се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион. 

Објектот по своето значење според градочалникот на Делчево, Горан Трајковски е капитален и  ќе овозможи развој на локалната економија, а со својот изглед и локацијата, ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби и развој на овој дел од градот. Современиот градски пазар, освен што ќе оди во прилог на сите продавачи и купувачи според Трајковски ќе им обезбеди и современи услови на тргување, односно пазарување, тој ќе има значење и на економски центар не само во градот, туку и регионот, бидејќи Делчево, како погранично место е честа дестинација на гости од цела држава, но и од соседството. 

Со цел обезбедување инфраструктура во централно градско подрачје за непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, Општина Делчево во Развојната програма има планирано инвестиција во износ од 7,1 милион денари за изградба на две улици и тротоари во градскиот пазар.

Градежните работи за изградба на паркинг и улици на локацијата на новиот градски пазар започнаа вчера, а согласно со проектот предвиден во Развојната програма за оваа година, ќе се изградат 3.500 м2 паркинг и улица 6.1, со цел кружно сообраќајно поврзување. Вредноста на работите кои фирмата изведувач ОСД Кирил треба да ги заврши за еден месец е околу 5 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.

Со овие градежни зафати, како што потенцираат од Општината, комплетно се решава инфраструктурата и сообраќајната комуникација на новиот градски пазар. Претходно, на оваа локација се изгради и новата улица 3 која го поврзува пазарот со улицата кај пешачкиот мост и детската градинка и овозможува современ сообраќаен пристап со потребните такси и автобуски стојалишта. Свеченоста по повод пуштањето во употреба на новиот Градски пазар е закажана за 12 часот.

Треба да знаете
Последни објави