Search

Предизборен митинг на СИРИЗА во Атина, поддржувачите на партијата очекуваат подобар изборен резултат

 Надеж дека партијата нема дополнително да загуби гласови на изборите в недела, ќе го потврди или евентуално да го подобри изборниот резултат од минатиот месец, изразуваат, во разговор со дописничката на МИА од Атина, поддржувачите на СИРИЗА кои вчера присуствуваа на централниот партиски митинг во центарот на Атина на кој говореше Алексис Ципрас.

На изборите на 21 мај годинава грчката опозициска партија СИРИЗА освои 20,07 отсто од гласовите, двојно помалку од Нова демократија, а истражувањата на јавното мислење во Грција прогнозираат дека партијата или ќе го задржи истиот процент или би загубила неколку проценти.

– Дозволено е да паднеш, вели поговорката, но мора да станеш. И ние веќе стоиме исправени, порача лидерот на СИРИЗА на почетокот на неговиот говор на централниот собир на три дена пред изборите.

Дописничката на МИА од Атина присуствуваше на митингот на СИРИЗА и разговараше со поддржувачите на партијата, кои не го кријат разочарувањето, но и изненадувањето од загубата на гласови на изборите минатиот месец, меѓутоа потенцираат дека тоа не смее да ги обесхрабрува.

-Во период од еден месец нема многу простор за некаква промена, не верувам дека ќе се промени изборниот резултат, но се надеваме и сакаме да добиеме повеќе гласови и секако да се намали разликата од Нова демократија, вели Гркинка, поддржувач на СИРИЗА.  

Млади девојки прогнозираат дека партијата нема да падне под 20 проценти, а би можела да добие најмногу 21 отсто од гласовите.

-Голема улога на изборите ќе одигра и несреќата со бегалците кај Пелопонез. Граѓаните веќе гледаат која партија ги почитува, а која ги прекршува човековите права. Нова демократија уште еднаш покажа дека ги прекршува целосно овие права и тоа секако оди во прилог на СИРИЗА, објаснува младата поддржувач на СИРИЗА.

Лидерот на партијата Алексис Ципрас, меѓу другото, порача дека потребно е СИРИЗА да добие поддршка на овие избори, да биде зајакната за „Мицотакис да не добие бланко чек в понеделник“ и да се спречи „неконтролиран режим“.

-Одовде, од плоштадот Синтагма, плоштадот на народните битки и демократијата, сакам да се обратам и да ги поканам демократските граѓани, секој прогресивен и демократски граѓанин, без разлика за кого гласал на изборите во мај, на овие избори да ја поддржи демократијата, да поддржи стабилна и здрава демократија и политички систем. И стави кочница на создавањето на еден неконтролиран режим, истакна Ципрас.

Посочи дека тоа што го исполниле плоштадот, сега е поважно од кој било друг пат и изрази дека в понеделник ќе имаат добар резултат и ќе бидат посилни и порешителни.

Традиционално во Грција четврток пред изборите е денот кога во центарот на Атина, говор одржува опозициската партија, митингот на СИРИЗА беше на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент, а присутни беа поранешни министри од партијата, пратеници и кандидати за пратеници.

Во исчекување на говорот на партискиот лидер, освен грчки песни, традиционално, како и на изминатите митинзи беше пуштена и италијанската „Bella ciao“, но и „Калашников“ од Горан Бреговиќ.

Вечерва, на последниот ден од предизборната кампања во пресрет на изборите в недела, лидерот на опозициската СИРИЗА ќе говори во Солун, додека пак во Атина, централен митинг, вечерва ќе одржи претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис. 

Треба да знаете
Последни објави