Search

Партизан по десет години пауза пак е шампион во АБА-лигата 

Партизан е нов регионален кошаркарски првак по вечерашната трета победа во мајсторката од финалето на АБА лигата против лутиот градски ривал Црвена звезда (96:85). Титулата, која е седма во историјата на АБА-лигата за Партизан доаѓа по пауза од десет години, со што „црно-белите“ повторно се најтрофејни во регионалното натпреварување. Партизан пред рекорден број на гледачи, повеќе од 21.000 за натпревар од АБА лигата, како „домаќин“ во „Штарк арена“ ја прекина доминацијата на актуелниот првак до пред овој меч Црвена звезда, која остана на шест трофеи. За Ц. звезда ова е прв пораз во финална серија по 2018 година и трето загубено финале од девет настапи на завршните мечеви.

По двете победи на Црвена звезда на домашен терен и израмнувањето на 2:2 во победи, во трката кој прв до три триумфи, Партизан решавачкиот меч го почна фуриозно и шесте поени на Кевин Пантер во една и пол минута беше најава за рапсодијата која ја имаше капитенот на домашниот тим, кој во текот на цел меч беше незадржлив за одбраната на Звезда.

„Црно-белите“ ги контролираа случувањата на теренот и на пауза заминаа со убедливи 20 поени предност (54:34). „Црвено-бело“ не се предадоа, се вратија во игра во третата четвртина.

Црвена звезда се приближи на само четири поени негатива на стартот на последната четвртина и во тие моменти се чинеше дека играчите на Партизан го губат ритамот, но повторно кога беше најтешко, Пантер ја презема одговорноста и го приведен мечот до триумфален крај.

Херој на денешното финале беше капитенот на Партизан, Пантер кој постигна неверојатни 32 поени. Огњен Добриќ со 18 поени и пет скока беше најефикасен кај Ц. звезда.

Треба да знаете
Последни објави