Search

Тренчевска: Отворен првиот Центар за ран детски развој во Двориште, Беровско

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски  и директорката на ЈОУДГ „23 август”, Невенка Таковска, денеска го означија официјалното отворање на првиот Центар за ран детски развој во населеното место Двориште.

Министерката Тренчевска истакна дека предучилишното воспитание и образование има клучно значење за правилниот детски раст и развој и затоа секое дете треба да биде вклучено во предучилишниот процес.

„Навистина ми причинува задоволство што и децата од населеното место Двориште од денеска официјално добиваат Центар за ран детски развој, каде што ќе се стекнуваат со нови знаења и вештини и истовремено низ игра, песна и други заеднички активности ќе се дружат,” истакна Тренчевска.

Моменталниот интерес за престој во Центарот е 12 деца од предучилишна возраст, со можност во иднина оваа бројка да се зголеми до максимум 24 деца на дневна основа, земајќи предвид дека се работи за престој од 3 часа и можноста за организирање во две групи.

Градоначалникот на Општина Берово, Пекевски истакна дека центарот  многу често бил поставуван како приоритет на жителите на н.с. Двориште и изрази задоволство од неговото ставање во функција.

„ Двориште има постојан позитивен природен прираст на населението и навистина заслужува да има градинка, каде што децата пред поаѓање на училиште ќе можат да бидат згрижени,” истакна Пекевски.

Директорката Таковска изрази големо задоволство од реализацијата на овој проект како особено   важен за децата од ова населено место, кои сега ќе можат да се стекнат со предучилишно образование.

Треба да знаете
Последни објави