Search

ЕУ ги повика на средба Курти и Вучиќ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ги покани Курти и Вучиќ на состанок во Брисел оваа недела, во услови на зголемени тензии меѓу двете земји. ЕУ предупреди дека игнорирањето на поканата може да има последици за државите. Српскиот претседател веќе одби да се состане со Курти, а тој пак, сé уште не одлучил дали ќе оди за Брисел. Курти првично ќе чека податоци за состојбата на, како што рече, тројцата киднапирани полицајци кои се држат како заложници во Србија.

„Побарав средба минатата недела, но ми беше кажано дека ситуацијата треба да се деескалира, но потоа дојде до киднапирањето на нашите тројца полицајци во Лепосавиќ. Ескалацијата се зголеми, а тогаш бев поканет на уште еден состанок во Брисел, кој не сум сигурен дали беше наменет за 22 или 23 јуни поради различните пораки. Во секој случај, прво сакам да ја почекам посетата на амбасадорот Јетиш Јашари во затворот во Краљево, па дури откако ќе ги добијам податоците за нашите тројца полицајци кои се држат како заложници и заробеници како одмазда за борбата против организираниот криминал и корупцијата во Косово, ќе донесам одлука“, нагласи Албин Курти, премиер на Косово.

Од друга страна, албанскиот премиер Еди Рама повторно повика Србија да ги ослободи полицајците. Тој дури предупреди дека ако тие не бидат ослободени оваа недела, ќе се вратат замрзнатите односи помеѓу Албанија и Србија.

„Колку подолго овие тројца мажи се држат во Србија, па дури и ако ја преминале границата, тие не извршиле никакво злосторство, толку помалку ќе биде можно нашите билатерални односи да не направат многу чекори назад! Ако тие не бидат ослободени ова ќе биде недела на обновување на мразот меѓу нас!“, изјави Еди Рама, Премиер на Албанија.

Тензиите на северот се зголемија од крајот на мај, но се влошија на 14 јуни по киднапирањето на тројца косовски полицајци. Судот во Краљево им изрече притвор во траење од 30 дена. САД, Велика Британија и Германија побараа од Белград тие да бидат ослободени.

Треба да знаете
Последни објави