Search

Стефковски: Општина Гази Баба изминатата година и пол добива лик на модерна и инфраструктурна општина

„Општина Гази Баба изминатата година и пол добива лик на модерна и инфраструктурна општина. Денес Општината е отворена за граѓаните, а отчетноста и транспарентноста се водилка во нашата работа”, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија”.

Стефковски се осврна на реализираните проекти во тековната 2023 година при што посочи дека во првите шест месеци од оваа година реализирани или започнати со реализација се повеќе од 90 нови проекти.

„Ќе соопштам одредени инвестиции што ги направивме во образовната и во спортската инфраструктура. Еден клучен проблем на жителите од општина Гази Баба особено на младите генерации беше недостаток на училишни спортски сали и досега учениците своите часови по физичко и здравствено образование би рекол ги одржуваа во нефункционални услови. За таа цел започнавме со посветено работење и по 60 години основното училиште „Кирил и Методиј” во Стајковци доби нова училишна сала, која што ја отворивме на почетокот на оваа година. И веднаш потоа поставивме камен темелник и се започна со изградба на нова сала основното училиште „Наум Охридски”, Булачани, појасни градоначалникот на општина Гази Баба.

„Исто така на почеток од годината започнавме со инвестиции во комуналната подземна инфраструктура и во првите шест месеци во општина Гази Баба работи на фекална канализација во должина од 9 километри во населените места Смилковци, Црешово, Страчинци и Трубарево. Исто така асфалтиравме локални улици на површина на над 7.000 м2 во повеќе населени места”, рече Стефковски.

Тој додаде дека Стајковци доби нов спортски центар со игралиште со вештачка трева и ново кошаркарско игралиште, и ново детско катче. Дополнително се изградија 8 нови забавни катчиња во повеќе урбани населени места. Се отвори и сензорна соба во основното училиште „Наум Наумоски – Борче” за дечињата со посебни образовни програми.

„Воведовме и бесплатна градинка за дечињата од семејства со социјален ризик”, нагласи тој.

Стефковски рече дека со оглед на енергетската и економска криза општина Гази баба како одговорна општина воведе два социјални пакети за помош пензионери со ниски примања и корисници на социјална парична помош.

Треба да знаете
Последни објави