Search

Португалската полиција откри 80 киднапирани фудбалери-жртви на трговија со луѓе

Голем скандал го тресе португалскиот фудбал. Во полициска рација во тренинг центар во околината на Фамаликао на северот од земјата, од заробеништво беа ослободени 80 фудбалери за кои се претпоставува дека станале жртви на трговија со луѓе.

Станува збор за играчи од Јужна Америка, Африка и Азија на возраст од 13 до 23 години.

Португалските медиуми пишуваат дека станува збор за деца и момчиња кои биле намамени во тренинг центарот во градот Риба д’Аве, со кој раководела менаџерската агенција „Бспортс фудбалска академија (Bsports football academy)“.

Им било ветено дека ќе добијат шанса да се борат за договори во најдобрите португалски клубови, а нивните родители на агенцијата и плаќале од 600 до 1.300 евра месечно за трошоци за сместување.

Животот во „тренинг центарот“, како што пренесуваат медиумите наликувал на мешавина од затвор и интернат. На младите им биле одземени пасошите и не им било дозволено самостојно да се движат. Повеќето од нив ќе се вратат во матичните земји откако ќе го дадат своето сведочење на суд.

Министерот за спорт во португалската влада, Жоао Пауло Кореја најави натамошна борба против нелегално регрутирање играчи и трговија со луѓе преку професионалниот фудбал.

За вмешаност во овој случај е осомничен и Марио Коста, претседател на генералното собрание на португалската лига, најелитното натпреварување во земјата. Неговата куќа веќе била претресена од полицијата, а тој се откажал од функцијата.

Треба да знаете
Последни објави