Search

(Фото) Жителите на Лисиче им порачаа на општинските власти: Градете паркови, а не гасни комори

Итно да се повлече спорнот Детален урбанистички план, да не се навлегува во приватниот имот на луѓето и на местото каде се предвидени згради да се изградат паркови, а не гасна комора, порачаа на денешниот протест на булеварот Србија жителите на населбата Лисиче.


-Уште колку населби и колку животи треба да се уништат за да се задоволат нивните болни апетити за профит?- праша гласно денес во името на сите жители на населбата Тодор Кацаров, еден од организаторите на протестот.

Инаку новиот ДУП предвидува изградба на една 12 катница, три осумкатници и пет помали згради. Една од парцелите непосредно пред да се предложи овој ДУП е продадена на лице сопственик на градежна фирма која веќе гради огромен станбен комплекс на спротивната страна на булеварот. Токму поради ова и револтот на граѓаните е поголем. Населбата која е плански изградена по земјотресот во 1970 тите и е предвидена за семејно домување во куќи, денес е на прагот на стане населба на повеќекатници.

Да биде иронијата уште поголема, сето ова градежно планирање се предвидува во населба која е рекордер во загадувањето не само во Скопје, туку и во земјава.
-Ова што тука се прави е очигледен геноцид врз народот. Со градење на овие згради се запира движењето на ветровите и загадувањето ќе биде енормно зголемено- вели Влатко Ужевски, жител на населбата Лисиче.

Ова, вели тој е првиот предупредувачки протест против новиот предлог ДУП, што се надеваме сите дека ќе биде повлечен од страна на општината.

– Во моментот кога ги изгласавме, кога дојдоа на власт тие станаа господари на нашите имоти и на нашите животи. Ова стана некоја пракса и ете си ја спроведуваат и си мислат така можат и така ќе продолжат да прават, а притоа забораваат дека ние им ја даваме платата. Е па еве, сега таа пракса ќе се смени и ќе се застане тука на оваа линија на булеварот на кој денес протестираме. Од денес ќе разговараат со сите нас тука и тоа е пораката од овој протест- да почнат луѓето да се прашуваат кога се носат деталните урбанистички планови – вели Игор Христов, жител на населба Лисиче.

Граѓаните денес застанаа на булеварот кој ја дели урбаната мафија од нивните куќи и гласно порачаа
„Доста веќе згради!Крај за урбаната мафија и за бетонизација на градот и населбата Лисиче“.

Треба да знаете
Последни објави