Search

Вучиќ: Курти сака да предизвика војна по секоја цена

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва за националниот сервис РТС го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека сака да предизвика војна.

Обвинувањата од Вучиќ доаѓаат откако денеска тројца припадници на косовската полиција беа уапсени од српските сили. Приштина обвини дека станува збор за киднапирање што се случило на косовска територија во близина на границата, а Белград, пак, вели дека косовските специјалци навлегле длабоко во централна Србија и затоа биле уапсени.

„Да избегнеме шпекулации бидејќи се наоѓаме на раскрсница- сакаме ли сè уште мир или не. И тоа не благодарение на нашата намера да немаме мир, туку благодарение на тоа што постои еден човек на Балканот кој сака да предизвика војна и судир по секоја цена – станува збор за Албин Курти“,рече Вучиќ на РТС.

Се плашам, додаде српскиот претседател, дека „го поминавме Рубикон“ и оти враќањето во реалноста ќе биде тешко.

Вучиќ негираше дека апсењето го спровела војската на Србија и дека тоа се случило на косовска територија.

„Гарантирам да ниеден војник од војската на Србија и ниеден полицаец не ја поминал административната линија или како што велат другите – границата. Ние нив ги уапсивме на 1,8 километри подалеку од административната линија, на потегот Орахово-Гњилица“,тврди Вучиќ.

Уапсените косовски полицајци, како што раскажа тој, тврделе оти не знаеле дека ја поминале административната линија.

„Сè што кажаа е дека не знаеле дека ја преминале линијата. Некои рекоа ’јас не знам да користам ГПС‘ итн.“,вели српскиот претседател.

Зборувајќи за намерите на уапсените членови на т.н на косовската полиција, што ќе го утврди истрагата, Вучиќ вели:

„Можно е навистина да не знаеле каде се, но кај нив биле пронајдени списоци со Срби, чекале некои луѓе, дали требало да бидат ликвидирани или уапсени, не е важно и тоа е сосема несоодветно. “

„Нашата земја не смее да биде под напад на санкции. Мораме да ја заштитиме цела Србија и нејзиниот развој. Обуката на нашите полицајци и нивните полицајци, со сета почит, е огромна. Им честитам на МУП и нашите храбри момчиња кои ги порази оние што ја нападнаа територијата под наша контрола“.

„Мораме да го издржиме целиот терор и да се обидеме да го зачуваме мирот и безбедноста за нашите граѓани“.

Во врска со забраната за увоз на секаков вид стока од Србија во Косово, која ја донесе косовската влада попладнево, пак, рече дека тоа е спротивно на меѓународните прописи и правилата на ЦЕФТА и оти со тоа се покажува намерата на Приштина „да го изгладни народот на северот“, да остане без лекови и без основните продукти.

Треба да знаете
Последни објави