Search

„Балконот“ на Албански театар и „Женска гардероба“ на Театар Комедија вечерва на „Војдан Чернодрински“

Македонскиот театар е на добар пат не само да го сочува оној ореол кој го имаше од порано како еден од значајните театри на бившите ЈУ-простори, туку и да го подобри во многу сегменти

Со претставата „Балконот“, Албанскиот театар од Скопје вечерва во 19.30 часот ќе гостува во Прилеп, на официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“. Терминот од 22 часот на шестиот ден на фестивалот е резервиран за Театар Комедија од Скопје, кој ќе ја изведе „Женска гардероба“ на сцената на Театарот „Војдан Чернодрински“.
И денеска во 10 часот во киното „Мис Стон“, во рамките на програмата „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“, со свое видување на драмата „Вејка на ветрот“ ќе се претстават учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп – Вања Младеновски, Теодора Велкоска, Бојана Најдоска и Исидора Николоска, под менторство на наставничката Билјана Тинтоска и асистентот Филип Стојаноски.

На пладне следуваат вообичаените разговори на тркалезната маса овој пат со екипите на претставите „Циркус Пирандело“ од Струмица и на турската претстава „Човек перница“.

„Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност“ беше темата на која вчера се дискутираше на меѓународната конференција што ја организираше фестивалот. Ова се први чекори за да развиеме меѓународна програма на фестивалот, рече уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.



Треба да знаете
Последни објави