Search

Црноморските делфини се жртви во војната во Украина

Руската поморска активност во Црното Море доведе до смрт на илјадници делфини од почетокот на конфликтот, а еден еколог прави сè што може за да алармира за последиците на војната врз дивиот свет во регионот.

Иван Русев, началник на украинскиот истражувачки оддел на Националниот парк Tuzly Estuaries, на почетоот на мај на „Фејсбук“ објави за трагичната загуба на уште 100 црноморски делфини во претходниот месец.

„За жал, во текот на април 2023 година, повеќе од сто мртви делфини се регистрирани во заливите на Севастопол и другите брегови на окупираниот Крим и блиските Новоросијск, Сочи, Геленџик,“ напиша Русев според преводот на американскиот весник „УСА тудеј“ (USA Today).

„Ова е потврда на фактот за активноста на непријателски подморници и подморници во тој дел на Црното Море во близина на Крим и Новоросијск,“ напиша Русев.

Ова не е прв пат Русев да алармира за тоа што се случува со популацијата на делфини во Црното Море. Во август 2022 година, украинскиот биолог рече дека приближно 5000 делфини умреле како последица на конфликтот.

„Никогаш не сум видел вакво нешто,“ изјави Русев за „Киев индипендент“. „Ова е нешто апсолутно ново и застрашувачко за научниците.“

Русев ги обвини руските бродови и подморници стационирани во Црното Море за смртните случаи на делфините, тврдејќи дека нивниот сонар влијае на здравјето на животните.

„Делфините паѓаат во зоната на зрачење на навигациските уреди на бродовите, што ги оневозможува нивните органи за навигација и ехолокација,“ објаснува тој.

Сонарот е особено опасен за цицачите како делфините, бидејќи тие се потпираат на подводниот звук за навигација, фаќање плен и комуникација со други делфини.

Воениот сонар како нискофреквентен активен сонар (LFA) генерира звучни бранови кои можат да патуваат стотици милји под вода и може да доведат до повреди и смрт кај некои животни.

Русев тврди дека сонарот што го користат руските поморски сили ги оштетува акустичните системи на делфините во Црното Море, ги заслепува и ги спречува да јадат.

„Не можат да се ориентираат во морето и да ловат риба,“ вели Русев, „затоа секој ден губат телесна тежина и им ослабува имунолошкиот систем“.

Русев 40 години ги надгледува бреговите на Украина и никогаш не видел толку смрт и уништување, од почетокот на војната.

„Севкупно, проценуваме дека умреле најмалку 50.000 делфини, а најмногу 100.000“, рече Русев во видео-интервју за „Радио Слободна Европа“.

Според украинското Министерство за заштита на животната средина и природни ресурси, во Црното Море живеат околу 253,000 делфини.

Треба да знаете
Последни објави