Гол на Меси за 43-ти трофеј во кариерата, 11-та титула за ПСЖ и рекорд по бројот на голови во топ 5 европските лиги

ПСЖ во саботата вечерта го освои рекордниот 11-ти шампионат на Франција играјќи со Стразбур 1-1. По една титула помалку имаат Олимпик Марсеј и Сент Етјен. Исто така, ова е деветти шампионски трофеј за ПСЖ откако пред 12 години доби катарски сопственик.

ПСЖ поведе во Стразбур со голот на Лионел Меси во 59. минута (20 минути подоцна израмни Кевин Гамеиро). Тоа беше 496-ти првенствен гол на Меси во кариерата откако играше во Европа. Со овој гол тој го собори досегашниот рекорд на Кристијано Роналдо по бројот на постигнати голови во „топ пет“ лигите.

Исто така, со освојувањето на шампионатот на Франција, Меси го достигна рекордот на Бразилецот Дани Алвеш. Тие двајца, единствени во историјата на фудбалот, имаат освоено 43 трофеи.

Сепак, неговата колекција има поголема специфична тежина, бидејќи меѓу неговите достигнувања ја има и титулата светски првак со аргентинската репрезентација. Исто така, Меси има можност да го престигне Бразилецот, кој денеска воопшто не размислува за Меси и рекорди. Тој е во затвор под обвинение за силување…

Сепак, сопственикот на бројни трофеи и рекордни достигнувања, а според многумина и најдобриот фудбалер во историјата на оваа игра, веројатно следната сезона нема да биде член на ПСЖ. Останува уште едно коло во францускиот шампионат, ПСЖ игра на „Паркот на принцовите“ против Клермон, и после тоа завршува договорната обврска на Меси со парискиот клуб.

Влијателниот италијански новинар Фабрицио Романо, кој е специјализиран за трансфери, во свој пост истакнува дека шампионската титула во Франција дефинитивно е последниот трофеј на Меси со ПСЖ. Се поизвесно е дека Аргентинецот ќе го продолжи ривалството со Кристијано Роналдо на терените на Саудиска Арабија, како играч на Ал Хилал…

Треба да знаете
Последни објави