Search

„Драга Снежана, јас не сум претседател на Украина“: пратеничката на СДСМ му го згреши името и функцијата на спикерот на украинскиот парламент

Пратеничката на СДСМ Снежана Ванчева Калеска на Фејсбук објави фотографија со спикерот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук, но напиша дека тој е привремен претседател на Украина.

Со претседателот на Врховната рада Стефанчук, Ванчева Калеска се запознала при студиска посета на шведскиот парламент Ригсдаг, а погрешно напишала и дека тоа е „спикерот на украинската Врховна рада Олександар Турчинов“. Таа додава и дека тој воедно ја извршува привремено и функцијата претседател на Украина.

Набрзо, под нејзината објава Стефанчук се огласи со коментар за да објасни дека тој не се вика Олександар Турчинов и дека не ја извршува привремено функцијата претседател на Украина.

„Драга Снежана, драго ми е што се запознавме, но моето име е Руслан Стефанчук, јас сум спикер на украинскиот парламент, а претседател на Украина е Володимир Зеленски“ – ѝ напиша Стефанчук на пратеничката од Македонија.

Руслан Стефанчук е на чело на Врховната рада од 2021 година.

Пратеничката од СДСМ, ја поправи својата објава на Фејсбук, откако пратеникот Антонијо Милошоски го објави нејзиниот статус со грешка во името на соговорникот.

Треба да знаете
Последни објави