Search

Зубин Мехта со Белградска филхармонија ќе има концерт на 24 јуни во Скопје

На 24 јуни, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Македонската филхармонија ќе гостува Белградска филхармонија предводена од славниот маестро Зубин Мехта во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. 

Маестро Зубин Мехта, еден од најголемите диригенти на денешнината е докажан авторитет во иницирањето на изградбата на мостови меѓу различните култури. Со својата единствена енергија и визија, допринесе во рушењето на бројни бариери користејќи ја моќта на музиката. Маестро Мехта со голем ентузијазам ја поддржа иницијативата „Отворен Балкан“ меѓу Србија, Албанија и Македонија, а заедно со Белградската филхармонија ќе и приреди врвно музичко доживување на публиката во овие земји.

Покрај концертите во Белград, Белградската филхармонија ќе одржи и концерт во Тирана,  а на програмата на трите концерти, Мехта ќе го предводи оркестарот на Белградската филхармонија во изведбата на Симфонијата бр.7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз.

Со своите 87 години, маестро Мехта важи за еден од најзначајните диригенти на светската музичка сцена, на која е присутен повеќе од 60 години со своите настапи кои денеска важат за историски. Концертот со кој Белградската филхармонија одбележува и 100 години од основањето ќе биде негов 11 настап со овој оркестар. Последен пат со Белградска филхармонија настапи во 2021 година по повод одбележувањето на шест децении од неговиот прв настап, кој воедно бил и негово деби.

Треба да знаете
Последни објави