Search

Пешевски: Писмената согласност за прекувремена работа е неуставна, ССМ ќе ја оспори пред Уставен

Каква било согласност или изјава од страна на работникот за прекувремена работа, поврзана со проектот за изградба на коридорите 8 и 10д е неуставна и затоа ќе биде успорена пред Уставниот суд, потенцираше претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски.

Тој во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека Сојузот на синдикати ќе ја оспори писмената согласност со која градежните работници доброволно би прифатиле да работат повеќе од 40 часа неделно.

Како што појаснува, согласноста која ја кажува министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна.

-Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи, нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно со било каква согласност сама по себе. Таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности, изјави или што и да потпишат работниците. Невозможно е повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво бидејќи она што го гледавме во минатото, тоа се повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, тоа се повторно ќе кажам работни места со висок степен на ризик каде што луѓето се изнемоштени и за осум часа, а не пак за прекувремени часови, потенцира Пешевски.

„…Тој предлог нема да направи 60 часовна, туку ќе направи 72 часа работна недела. Досега имавме едно изборено право пред 137 години за кое што навистина паднало крв и луѓето се избориле да работат осум часа, осум часа е за одмор и рекреација, за да ги наполнат батериите и утредента да бидат исто така продуктивни и осум часа. Меѓутоа нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40- 60 како редовни часа плус 12 часа можеби да се плати како прекувремена работа. И да биде трагедијата уште поголема, за новиот закон за работни односи преговараме повеќе од пет години и никогаш ни на Економско- социјален совет, ни во работните групи не беше споменато дека може да има ваква брза измена. Ова се случи откако го видовме потпишаниот договор во четири очи помеѓу „Бехтел и Енка“ и нашите владини претставници: премиерот, вицепремиерот, министерот за траснпорт и врски итн. Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства. Тие средства однапред не можеме да ги видиме бидејќи станува збор за увезени работници. Значи ние финансираме проекти со домашни средства, а тие средства од прекувремени часови, плати или сами по себе компанијата ќе ги наплати, дали е тоа Америка или Турција итн, повторно нема никаков дел од колачот да видат ниту домашните компании, ниту домашните работници…“.

Инаку, според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, работниците кои ќе работат на изградбата на автопатите ќе потпишуваат работни договори според кои, сами ќе одлучуваат дали ќе работат дополнителни часови кои ќе им бидат платени. 

Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, односно со европско знаменце, за како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Се работи за Законот за работни односи, Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација и специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Претходно, опозицијата ги блокираше измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци. 

Треба да знаете
Последни објави