Search

Наместо лидер на Ал Каеда, Американците убиле сириски овчар, татко на десет деца

На 3 ма американската војска изврши напад со беспилотно летало во северозападна Сирија. Централната команда на САД (Centcom) објави во соопштение за печатот дека целта бил „истакнат лидер на Ал Каеда“.

Сепак, двајца американски воени претставници изјавија за Вашингтон пост дека лидерот на Ал Каеда не е убиен во нападот.

-Повеќе не сме сигурни дека убивме висок функционер на Ал Каеда, изјави еден функционер за Пост.

-Иако верувам дека не ја ликвидиравме првичната цел, веруваме дека убиениот е член на Ал Каеда, изјави друг функционер. И двајцата сакаа да останат анонимни.

Семејството на жртвата, како и експерти за тероризам, за Пост изјавиле дека човекот не бил поврзан со терористи.

Членовите на семејството тврдеа дека убиениот е 56-годишниот Лотфи Хасан Мисто, татко на десет деца. Синот Хасан изјави за Пост дека неговиот татко ја извршувал својата вообичаена рутина утрото на 3 мај. Појадувал, а потоа ги чувал овците.

Потоа направил неколкучасовна пауза во близина на неговата куќа и пиел чај со својот брат. Околу 11:30 часот Мисто се вратил кај своите животни. Не поминале ни 15 минути кога бил погоден со ракета од дрон MQ-9 во близина на локацијата каде што пиел чај со својот брат.

„Вашингтон пост“ собра фотографии и детали од настанот преку интервјуа со семејството и соседите. Фотографиите ги обезбеди и Сириската цивилна одбрана, хуманитарна организација попозната како „Бели шлемови“.

Четворица експерти за тероризам за Пост изјавија дека Мисто не бил спомнат во ниту една онлајн дискусија со џихадистите по нападот. Експертите додаваат дека е малку веројатно дека некој познат функционер на Ал Каеда би дејствувал во областа.

-Многу брзо по нападот Белите шлемови излегоа на терен и го идентификуваа поединецот. Локалните жители тврдеа дека станува збор за човек кој отсекогаш бил земјоделец. Тој никогаш не бил вклучен во политиката или поврзан со вооружените сили, рече Чарлс Листер, директор на Програмата за Сирија и антитероризам и екстремизам на Институтот за Блискиот Исток.

Портпаролот на американскиот Центком, Мајкл Лохорн, изјави за Пост дека официјалните лица се запознаени со извештајот за цивилна жртва.

-Центком сериозно ги сфаќа ваквите обвинувања и започна истрага за да утврди дали цивил ненамерно загинал во нападот, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави