Search

Столтенберг најави дека ќе инсистира членките повеќе да издвојуваат за одбраната

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека на претстојниот самит на лидерите на земјите-членки на Алијансата силно ќе инсистира на многу посилна посветеност на трошоците за одбрана од сегашните два отсто од бруто домашниот производ (БДП).

За време на Самитот за демократија во Копенхаген, на кој учествува и поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, Столтенберг истакна дека се надева оти „во Вилнус ќе можат да се договорат за многу посилна посветеност“, односно дека два отсто од БДП ќе биде минимално, а не максимално одвојување за одбраната.

Столтенберг, преку видео врска, вети дека „ќе се обиде да постигне консензус бидејќи живееме во поопасен свет кој бара повеќе инвестиции во одбраната“.

Тој рече и дека кога ќе се постигне договор, земјите од НАТО треба веднаш да го спроведат, а не да чекаат децении за да ги зголемат трошоците за одбрана.

Столтенберг истакна дека шефовите на држави или влади на НАТО се очекува да усвојат повеќегодишен пакет помош за трансформација на украинската армија од советска ера на современи стандарди на НАТО.

Лидерите на Јужна Кореја, Нов Зеланд и Австралија, исто така, ќе учествуваат на Самитот на НАТО што ќе се одржи во Вилнус, Литванија од 11 до 12 јули. 

Треба да знаете
Последни објави