Search

„Сите се молевме за неа“ – учениците oд „Рибникар“ тажни поради смртта на Ангелина, последната жртва на Коста

Почина Ангелина. Цели 12 дена за живот се бореше ова мало девојче кое беше погодено со куршум од Коста К, но немаше спас. Ангелина е десеттата жртва во масакрот. Веста за нејзината смрт повторно ги  потресе сите, пишува „Новости.рс“.

„Таа веќе не дише, а сите се молевме на училиште таа и Владимир да останат живи. Дури на влезот во училиштето залепивме постер со порака за нивно брзо заздравување. Верувавме во подобро, во лекарите, во нивната младост и издржливост, без разлика на повредите со кои се здобија. Но, ја изгубивме и Ангелина. Ни остана само Владимир и се надеваме дека барем тој ќе се врати кај нас, ќе влезе во училницата и ќе бидеме заедно“, вели во изјава за „Новости“ ученик од „Владислав Рибникар“ .

Ангелина беше хоспитализирана на детската клиника откако на 3 мај тринаесетгодишниот Коста К. уби осум ученици и чуварот во училиштето.

Таа се здоби со тешки телесни повреди на главата. Веднаш по приемот во болницата девојчето беше оперирано, но куршумот и останал во главата. Лекарите сиве овие денови од минута во минута ја следеле нејзината здравствена состојба и покрај наводите дека нема многу надеж за девојчето, се обиделе да ја спасат.

„Веста за смртта на девојчето повторно сите не потсети на страшниот масакр и брзо се прошири на социјалните мрежи. Ќерка ми, речиси две недели по хоророт што се случи, дојде на час. И сега да го слушне ова… не знам како ќе ја смириме“, вели еден од родителите за српскиот весник.

Во текот на денот, како и секој ден досега, граѓаните кои минуваа покрај училиштето застанаа на едноминутно молчење, оддавајќи им почит на настраданите деца и на обезбедувачот.

Некои од нив, слушајќи за смртта на малата Ангелина, се приближија до училишниот двор, запалија свеќа и му положија бел цвет на починатото девојче, пишува весникот.

Треба да знаете
Последни објави