Search

Стотици евра повисока априлска плата почна да легнува на сметките кај функционерите

Првите повисоки плати за избраните и именувани функционери во државата, повисоки за 78 проценти веќе почнале да легнуваат на сметките и покрај реакциите на јавноста, експертите, синдикатите, претседателот и Светска банка. Намалување на коефициентите во пресметка на платите или системско решение нема на повидок. Најчесто што можеше да се слушне изминатиов месец е образложението дека одлука на Уставниот суд мора да се почитува !?

Меѓу првите кои веќе можат да ги видат на своите сметки новите драстично покачени плати е и претседателот Стево Пендаровски кој и прв реагираше на ваквото зголемување на платите. Повисоката плата ја имаат на своите сметки и првиот парламентарец Талат Џафери, вработените во министерствата за внатрешни работи, финансии, економија и здравство, Царина, пазарниот инспекторат, УЈП, ЕЛЕМ и МЕПСО, како и уставните судии кои го овозможија зголемувањето. Другите функционери ќе ги имаат повисоките плати најдоцна за три дена.

-Не сум добил плата се уште, не сум приметил. Тоа е одлука на Уставниот суд според која се исплаќаат платите и ние тука немаме никакво влијание. Најважно е да се реши на системски начин. Се друго ќе не доведе во ситуација да се поткопа улогата на фунцкијата на јавниот сектор или да се сведе на естраден интерес за јавноста, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер.

Се додека не се донесе законот за системско решение за платите, функционерите ќе ги земаат зголемените плати. Не им се брза ниту на опозиционерите од ВМРО-ДПМНЕ. 

-Имаме лошо искуство со многу наши предлози коишто се однесувале на буџетските расходи и нивно намалување, кога нема политичка волја кај владејачкото мнозинство истите да бидат веднаш отфрлани. Затоа ќе дадеме можност на власта, она што го најавуваат како системски закон што поскоро да стигне во собрание и опозицијата ќе даде поддршка, изјави Антонио Милошоски пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Со месечна плата од над 166 илјади денари, најплатен функционер во државата е спикерот Џафери. Тој зема поголема плата и од претседателот Пендаровски на чија сметка веќе легнале 165 илјади. На трето место е премиерот Димитар Ковачевски со околу 156 илјади денари. Министерските плати, пак, ќе се движат од 150 до 120 илјади. А пратениците, по ново, ќе земаат 106 илјади денари.

Треба да знаете
Последни објави