Search

ПСЖ го суспендираше Меси

Лионел Меси нема пријателски да го заврши договорот со ПСЖ. Клубот го суспендираше на две недели најдобриот фудбалер на неодамнешното Светско првенство поради повреда на клупската дисциплина.

Очигледно е дека претстојната разделба нема да биде тешка ниту за челниците на ПСЖ, ниту за Меси. Поради суспензијата тој нема да биде во составот против Троја и Ајачио, но нема да биде изненадување ако веќе го одигра своето во дресот на парискиот клуб и ако ги пропушти последните три натпревари од сезоната.

Причина за суспензијата е патувањето на Меси во Саудиска Арабија, што тој решил да го направи без да го извести клубот. Ден по шокантниот пораз од Лориен (1:3), Аргентинецот веќе беше во Ријад работно. Имено, посетата беше организирана како дел од неговиот богат договор од околу 30 милиони евра годишно, кој го добива како туристички амбасадор на Саудиска Арабија. Во исто време, неговите соиграчи беа на тренинг.

Претставниците на Меси сепак нудат поинаква приказна. Тие тврдат дека до сега било вообичаено играчите на ПСЖ да добијат слободен ден по натпреварот, што Меси решил да го искористи.

Веќе наголемо се шпекулира дека Меси летово ќе направи „кам-бек“ на „Ноу Камп“. А, оваа суспензија и тоа како ги зголемува шансите за такво нешто. Договорот на Аргентинецот истекува на крајот од сезоната, и тој како слободен би можел да направи враќање во Барселона, и покрај тоа што „Каталонците“ имаат проблеми со буџетот околу платите.

Треба да знаете
Последни објави