Борко Ристовски по суспензијата: Допрва ќе плачете криминалци

„Во северна вукојeбина се е можно ама не со мене. Допрва ќе плачете криминалци“. Ваква порака објави голманот Борко Ристовски на неговиот профил на „Инстаграм“ по суспензијата во времетраење од четири години.

Голманот на Вардар во изјава за „Макфакс“ рече дека в среда на прес-конференција ќе ги изнесе сите детали за настанот и неговиот став за суспензијата.

„Имам многу работи да кажам и ќе ги кажам на прес-конференција на која сите ќе бидат повикани“, рече Ристовски.

Претходно денес, дисциплинската комисија при Олимпискиот комитет на Македонија по пријава поведе постапка против Ристовски и поради, како што се наведува, прекршување на член 17 од Дисциплинскиот правилник му изрече суспензија за четири години.

Голманот на Вардар 1961 е казнет дека „како претставник на политичка партија во ТВ емисија „За или против“ изнесувал лаги, клевети и ширел невистини на сметка на претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски, кои може да бидат штетни по МОК“.

На Ристовски му е изречена забрана за вршење на работа во олимпискиот спорт во период од четири години.

Пријавата е поднесена од Даниел Димевски, а одлуката е доставена до Ракометната федерација на Македонија и ракометниот клуб Вардар 1961.

Борко Ристовски има рок за жалба на одлуката на МОК во следните осум дена.

Треба да знаете
Последни објави