Search

Бесплатен влез во музеите и археолошките локалитети

 По повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети денеска влезот во сите музеи и археолошки локалитети во земјава ќе биде слободен. 

Од Министерството за култура очекуваат голем одѕив кај јавноста затоа што, како што посочуваат, македонската култура и уметност имаат светско археолошко богатство кое вреди да се погледне, почувствува и чува.

Отворени ќе бидат вратите на заводите и музеите во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен-куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.

Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО, се одбележува во целиот свет. Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата. Годинава, фокусот е на темата „Промените на културното наследство“, која ги опфаќа прашањата за културното наследство кои се отвораат со климатските промени. 

Треба да знаете
Последни објави