Search

Уште една тужба за Албанија пред Арбитражниот суд

 Поради едностраното раскинување на договорот со австриската компанија „Ивиком холдинг“ Албанија ќе се соочи со Арбитражниот суд, јави „Еуроњуз.ал“.

Според истиот извор компанијата „Ивиком холдинг“ бара од албанската Влада отштета од 150 милиони евра за прекршување на договорот за изградба на електрана во реонот на Корча.

– Минатата недела Министерството за финансии извршило трансакција вредна околу 1,5 милиони леки на сметка на шведска адвокатска канцеларија, која ќе ја претставува Албанија во спорот со австриската компанија. Исплатени се и 500.000 евра за консултантски услуги поврзани со спорот, наведува телевизијата.

Во 2018 година, компанијата со седиште во Австрија, на албанската Влада и го претставила проектот за изградба на електрана во областа Земблак, која за производство на електрична енергија би го користела гасот што ќе го транспортира гасоводот ТАП.

– Овој проект, прифатен од албанската Влада, имаше за цел изградба на електрана со моќност од 500 мегавати, а ќе се предвидуваше вработување на околу 400 лица. Но инвестицијата која би достигнала вредност од околу 350 милиони евра не е реализирана, бидејќи Министерството за животна средина одби да ја издаде еколошката дозвола. По оваа одлука овој проект не се реализираше, поради што австриската компанија побара од шведскиот арбитражен суд отштета од 150 милиони евра.

Ова не е единствената тужба против албанската Влада во Арбитражниот суд.

На 7 април германската компанија „ЕМС шипинг трејдинг“ (EMS Shipping & Trading) поднела тужба и бара отштета од албанската Влада во износ од 40 милиони евра. Спорот е поврзан со концесијата на пристаништето Драч. Во 2013 година компанијата го добила правото на договор за концесија да работи во затворениот терминал на пристаништето Драч, за товарење и истовар на бродови.

Жалбата на германската компанија се однесува на преместувањето што ќе се изврши на карго терминалот во Порто Романо, по потпишувањето на договорот со компанијата „Алабар“ од Дубаи за трансформација на пристаништето.

Компанијата ЕМС има уште околу 25 години од 35-годишниот договор, додека нејзината добивка во 2021 година е пресметана на околу 1,3 милиони евра. 

Треба да знаете
Последни објави