Search

Полска би произведувала муниција со осиромашен ураниум за САД, вели премиерот Моравјецки

Полска сака да биде сервисен центар во Европа за сите американски тенкови „М1 Абрамс“ па дури и да произведува муниција со осиромашен ураниум за нив, изјави во средата полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

По средбата со американската потпретседателката Камала Харис во Вашингтон во вторникот, Моравјецки отпатувал во Анистон, Алабама, каде што се наоѓа военото депо на американската армија кое ги опслужува сите гасенички возила, вклучително и тенковите „Абрамс“.

„Сакам сервисниот центар за тенковите „Абрамс“ за цела Европа, за одржување на нивната борбена готовност, да биде отворен во Полска. Ова е можно и веќе сум во преговори за тоа,“ рече Моравјецки.

Тој додаде дека Полска исто така се стреми да отвори фабрика во која ќе може да се произведува муниција со осиромашен ураниум.

Американските и британските тенкови го користат густиот метал за муниција што продира низ оклопните возила. Неговите остатоци се многу токсични кога се вдишуваат, а кај бројни војници на НАТО беше регистриран огромен скок во стапката на заболени од рак откако поминале време на места каде што била користена муницијата со осиромашен ураниум како што се Ирак и поранешна Југославија.

По средбата со Харис во вторникот, Моравјецки изјави и дека побарал дополнително американско присуство од неколку илјади војници како и повеќе бази и магацини за американска опрема и оружје што ќе бидат испратени во Украина.

Полска во моментов е логистички центар за напорите на НАТО да го вооружи Киев иако алијансата предводена од САД тврди дека не е директно вклучена во конфликтот на Украина и Русија.

Варшава со години бара постојано американско присуство, а во 2018 година се обиде и да го привлече поранешниот претседател Доналд Трамп со понуда да именува база по него.

Полска нарача 250 нови тенкови „Абрамс“ и други 116 модернизирани тенкови за да ги замени своите тенкови „Т-72“ од советската ера што ѝ ги даде на Украина. Првите 14 тенка треба да пристигнат во јуни, рече Моравјецки, опишувајќи ги како „оклопна завеса“ што ќе ја заштити Полска.

Полските медиуми, исто така, малку го разјаснија збунувачкото патување на Моравјецки во САД додека претседателот Бајден е отсутен од земјата. Посетата, според информативниот портал Интериа, била ненадејно забрзана од Американците како контрареакција на минатонеделното патување на францускиот претседател Емануел Макрон во Кина.

Патувањето на Моравјецки добива уште поголемо значење по коментарите на францускиот претседател Макрон дека ЕУ нема да биде „вазал на Вашингтон“ кога станува збор за соочување со Кина околу статусот на Тајван, пишува порталот.

Треба да знаете
Последни објави